Донирани се 1.200 компјутери за шест години преку акцијата на кавадарчанецот Борче Стаменов. Тој вчера изјави за МИА дека новина е тоа што формира здружение со хумана цел, да се обезбеди компјутер или лап топ за сите оние семејства коишто не можат да купат вакви уреди.
– Работам како компјутерџија и идејата за иницијативата се роди сосема случајно, кога сакав да помогнам и донирав компјутер за самохрана мајка со три дечиња. Кога другите слушнаа за тоа, почнаа да ми отстапуваат свои уреди за да ги поправам и средам, па да бидат донирани. Како растеше бројот на оние што имаа потреба од уред, особено во услови на пандемија кога се учи и се работи и од дома, така растеше и бројот на оние кои доставуваа машини кај мене, потсети Стаменов.
Иницијаторот на акцијата „Донирај компјутер“ за која дозна македонската, но и светската јавност и освои бројни награди, информираше дека веќе имаат обезбедено и простории за здружението, досега проектот се спроведуваше во просторија на фирмата „Бидат информатика” во која е вработен. Стаменов додаде дека новина е и тоа што веќе почна со обука на млади практиканти и волонтери, кои се вклучуваат во акцијата, со цел да научат нешто повеќе, но и да помогнат во хуманата мисија.
– На некој начин се чувствувам како татко на сите тие дечиња кои преку оваа иницијатива, имаа можност да го остварат својот сон и конечно и тие, како и другите деца, да ја почувствуваат магијата на еден компјутер или лап топ. Имаме и такви кои ни доставуваат и други подароци, особено сега пред новогодишните празници, кои ги донираме и носиме среќа и насмевки во многу домови. А нема ништо поубаво од насмеани детски лица, истакна Стаменов.