пишува: ВОЈО МАНЕВСКИ
Инспирацијата е како плашлива птичка. Застане за миг, малку ќе помавта со крилцата и одлетува. Во мислите останува само магловито сеќавање – што сакав да кажам…
Последнава недела што и да помислам ми се појавува зборчето – избери. Не знам колку на човечкиот створ му е дадено да бира и избира, но имам впечаток дека колку повеќе треба да бираме, толку помалку избираме.
Ете и овие Aмeриканциве бираа месец за да на крајот сѐ уште не знаат што избрале, твитерџијата Трамп или крипто политичарот Бајден. Е штом не знаат што бирале, изборот ќе го направи судот. Демократија е тоа – нема шега.
Во мојов есенски заспан Штип нема одмор од бирање и избори. Таман во жешките јулски денови мислевме дека, бирајќи, избравме пратеници и за една година се откачивме од кампањи и избори, премиерот нé изненади. Во недостаток на кадри од неговата Струмица и околните места – ни го зема градоначалникот. Му бил неопходен за министер.
Добро си велам, мора штипјанец да е во Владата, таква е традицијата. Шекеринска е само по потекло од Штип, а Бочварски живее овде. И додека го смирувавме локал патриотизмот – ете ти изненадување – повторно избори и повторно кампања. Така велел законот и мораме повторно да бираме.
Закон е закон, ама нешто не се сеќавам премногу да сме го почитувале, кога се работи за избори во избирачка Македонија. Заморно е човек да се сеќава за лажни изборни списоци, групно гласање, Пржинска влада, Техничка влада, менување на изборен законик пред избори, урнисување на софтвер за броење гласови и да не заборавев поради комшиите, да го споменам и бугарскиот воз. Не знам дали е точка во преговорите за добрососедство, ама да не се лутат соседите треба да се спомене, барем во фуснотата или нон пејперот.
И така, за штипјани немаа законски излез, па мора повторно да бираат градоначалник за следните девет месеци. Толку преостана од мандатот на поранешниот наш избор, сега ќе го докрпи друг наш избор. Е, кога сме веќе пред законска обврска мора да ги следиме збиднувањата. За кандидатите ќе оставам простор да коментирам кога ќе започне кампањата.
Сега ќе ја коментирам само кампањата. Слична како и досегашните, како и таа што ја преживеавме летоска. Добро, тогаш ни попушти малку короната и побистро гледавме и мислевме, ама сега болеста ни виси на глава и ќе ни биде потешко да мислиме и бираме. Сѐ друго си знаеме. Уште стартот на кампањата не е означен, а комшиско-маалските префрлања се во полн ек. Се споменуваат семејства, темни намери, криминални здруженија, големи пари. Преостанува да се споменат и училишни случки, средношколски намигнувања, единица по некој важен предмет, студентски просечни оценки и слични осветлувања на личноста што сака да нè води во наредните девет месеци. А како и на секој оговарачки камен, вистината прва гине во лутата партиска битка. На неа и на фактите никој не смета како на силно оружје.
Лагата, па и ако е понекогаш облечена во облека на вистината, изгледа како мини здолниште и длабоко деколте кои сакаат повеќе да покажат, отколку да сокријат. Токму така, поважно е како нешто изгледа отколку какво е нештото. Поважно е што ќе се напише на Фејсбук отколку да се осмисли програма, да се објасни и да се бара доверба од граѓаните. Ама тоа е важно за оние како мене, на кои често инспирацијата им побегнува како птичката од почетокот на текстов.
Сега е важен ПИ-АР и пост на ФЕЈСБУК, а старовремското оговарање изгледа како конструктивна критика. Зошто ми е сето ова си мислам, па ова го знае секој мој сограѓанин што ги посетува преостанатите критички места во градот, кафеаните со долга традиција. Ме погодуваат разни писанија кои излегуваат на мојот телефон и ги читам зошто на нивниот почеток се појавува слика на некој мој познат. Читам како во тие десетина реда се сака да се омаловажи кандидатот, да се навреди, да се покаже во темно светло. Можеби и ќе има некакво оправдување да е од некој противкандидат или партија која со сите средства се бори нејзиниот претставник да биде градоначалник.
А, кога на изборите не учествуваш, бараш добро објаснување за неучеството и се трудиш да се оправдаш, валкањето на другите кандидати што се пријавиле да учествуваат во изборите, тешко се оправдува. Велат, целта е да нема излезност и изборите да пропаднат.
Тогаш нема никаква разлика меѓу двете најголеми партии. Едните ќе прават избори за мандат од девет месеци и ќе се трошат граѓански пари, а другите ќе се трудат да не успеат изборите и пак ќе се потрошат граѓански пари. Целата нивна политичка борба ми личи на судир на архинепријатели по сите основи и на секое место. Се разбира, нивната борба ја плаќаат граѓаните. Партиите си го земаа веќе делот од буџетот, што сами си го доделија од граѓанските пари.
Знам дека сето ова одамна го знаете почитувани читатели, ама ете дојдат некогаш и такви моменти кога на човек му преостанува само да се потсети на некои туѓи мисли за кои смета дека се умни. Панонскиот морнар пред триесет години напишал стих кој го инспирира моево стихоклепие:
Доста, ако за Господ Бог знаете, доста и ако не го знаете, ниту во него верувате.
Доста ако во ништо не верувате, престанете зошто навистина е доста.