„Во однос на актуелните случувања изразуваме загриженост. Сакам да испратам апел да се почитува начелото на презумпција на невиност, се придржуваме на повикот на јавниот обвинител секое лице засегнато од криминалитет, ваквите активности да ги пријави, а истражните органи ваквите акти да ги истражат. Отворени сме за сорботка со колегите, тука сме да ги размениме информациите“, изјави Ленче Ристоска на денешната прес конференција во СЈО, по истрагата во која е наводно вмешана шефицата на СЈО, Катица Јанева.
Ристоска додаде дека се надева дека нивниот интегритет нема да биде нарушен од можните сомненија.
Таа изјави дека со Јавното обвинителство за организиран криминал до сега тимот на СЈО немал официјална комуникација за истрагата, но во име на целиот тим изрази подготвеност за соработка и дека оној кој се огрешил пред законите мора да одговара.
„Сите се еднакви пред Уставот и законите. Стоиме на линија да се најде одговорност и лицата да одговараат“, додаде Ристоска.
Обвинителката Лиле Стефанова, која го води предметот „Империја“, изјави дека не стравува дека може да биде инволвирана во истрагата на Обвинителството за организиран криминал. На прашањето дали Катица Јанева треба да стравува, таа одговори дека не знае. Сите одлуки ги носи и потпишува Катица Јанева, така гласи законот, рече Стефанова и кажа дека нема потпишано ниту една одлука, ниту мислењата за пуштање од притвор, ниту одлуката за враќање на патните исправи.
Засега, СЈО нема информација каде е Катица Јанева, а Ристовска изјави дека лично не контактирала со неа и дека за нејзината оставка во СЈО биле информирани непосредно пред нејзиното објавување.
А. Петровска
камера: Ариан Мехмети
монтажа: Џабир Дерала