пишува: МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Бранко Црвенковски, лидер на СДСМ. Судбоносни избори за иднината на државата. (2002)
Партијата не може да стои настрана во овие судбоносни моменти за државата. (2009)
Македонија веќе еден месец се наоѓа во политичка криза (2013)
Судбоносни избори за Македонија – исходот целосно неизвесен. (2016)
Македонија се вовлекува во најтешка криза од нејзиното осамостојување (2017)
Денес сме пред најголемиот крстопат. (2018)
Гласот на граѓаните е клучен за македонската иднина (2018)
… ова е клучен момент за Македонија … (2018)
Никогаш не било потешко, пред судбоносен предизвик сме за земјава. (2019)
Заев: избори што поскоро (2020)
Политичката криза стана секојдневие во нашата земја. Таа ги обезвреднува институциите, го поттурнува на страна правото, го издигнува политичкиот модус на највисока позиција, партиите стануваат одлучувачки фактор, а граѓаните се ставени во теснец во кој треба да бираат меѓу две зла или со Дамакловиот меч над глава.
Секој избор партиите го претставуваат како конечен, единствен, судбоносен, историски. Сѐ или ништо. Нов почеток или избегнување на работ на провалијата. Сега или никогаш.
Во тој момент веќе не е важно како се стигнало до безизлезот, како тоа останале само 5 минути до 12. Веќе никој не прашува дали можело да се тргне по друг пат кој не би водел до провалијата, дали имало решенија кои можеле да бидат донесени, а не биле. Се губи интересот за тоа кој бил задолжен да се избегне сегашната ситуација, за одговорноста и контролата.
Да, точно е. Кога ќе ги уништиш институциите, кога секој орган на управа ќе го претвориш во партиска испостава, кога ќе го убиеш Собранието и ќе донесеш закон со кој формираш франкенштајнска Влада, државата не може да функционира.
Меѓутоа, во вакви услови не се бираат претставници на граѓаните кои ќе ги застапуваат нивните интереси и ќе работат во нивна полза, туку се бираат спасители. Не се бира нова управувачка структура, туку војсководачи на бели коњи со развиорени гриви. Не се бира меѓу програми кои нудат различни начини на постигнување на благосостојбата на граѓаните, туку излез од ќорсокакот.
На ваков начин граѓаните немаат можност во смирена и релаксирана атмосфера да ги проценуваат резултатите од претходната власт, да мерат што е направено, а што не, да се информираат и да донесат најдобро можно решение врз основа на доволен број информации.
Не.
Единствено важно е дека мора да се избере сега и одма и дека изборот е судбоносен, одлучувачки, клучен, единствен, избор меѓу живот и смрт. За излез од кризата. Еднаш за секогаш.
Сѐ до новата криза која ќе биде прогласена веднаш по изборите.