Со разрешувањето на Претседателот и членовите од претходниот состав на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка и неименувањето на нов состав на комисијата, вработените во стручната служба на комисијата веќе два месеци немаат земено плата и целокупната работа и функционирање на Државната комисија е во застој, со што се засегнати и граѓаните на Република Македонија, велат од Комисијата.
Тие во два наврати се обратија до Собранието на Република Македонија, но немаат никаков одговор. Државната комисија има стручна служба од 24 административни службеници и 4 работници распоредени во 3 сектори или вкупно 28 работници.
„Најголем број од вработените имаат кредитни обврски спрема банките и застојот во исплатата на платата веќе два месеци, а можеби тоа ќе трае и повеќе месеци доколку позитивно не ни одговорите на нашево барање, ќе се одрази врз нивната економска состојба, ова од причина што со неисплатената плата ќе има и неисплатена рата/рати за кои банките дополнително ќе пресметуваат затезна камата. Исто така и здравственото осигурување за сите вработени во Државната комисија истече на 30.04.2018 година и со тоа од 01.05.2018 година не може да се оствари правото на лекување и земање на лекови од аптеките на сметка на Фондот за здравствено осигурување, што предизвикува дополнителен трошок и проблем за сите вработени“, наведуваат од Комисијата.
Поголем дел од вработените секојдневно патуваат од Гостивар, Кочани, Тетово, Куманово, Илинден и во случај да не им се исплаќа редовно плата нема да бидат во можност да го финансираат својот превоз до Скопје и назад.
Согласно Законот за основање на државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка, Државната комисија е надлежна за решавање по жалби против решенија донесени во прв степен во инспекциска постапка и по жалби против одлуките за прекршок што се донесени од страна на прекршочните органи.
Д.М.