Два дена по објавување на слоганот “време e за првиот премиер Албанец”, претседателот на ДУИ ги повика албанските партии во земјава да се обединат околу нивната идеја. Но, новиот слоган на Ахмети, уште од првиот ден наиде на оштра реакција на сите партии на Албанците и го оценија како лицемерие и обид за манипулација со албанскиот електорат во пресрет на изборите.
Повикот за обединување го квалификуваа како обид за спасување од загубата во следните парламентарни избори.
“Ова што денеска ДУИ се обидува да се наметне во медиумскиот простор откривајќи неодржливи идеи во политичкиот момент во кој се наоѓаме, ни дава право да се сомневаме дека ДУИ секогаш кога чувствува опасност се обидува да најде решение преку повиците за обединување на политичките партии на Албанците”, се вели во реакцијата на Движењето Беса.
„Одбележување на 18 годишнината, откривајќи идеи со убав дизајн, но во суштина празни, е позната појава и не е за чудење. Да бидеш на власт толку години и да создаваш ваков масивен егзодус на Албанците, и ваква сиромаштија до степен на криза за леб, а потоа да излезеш со идеја за премиер Албанец, ова е чисто цинизам и шега со Албанците“, реагираат од партијата Алтернатива на идејата што Ахмети ја лансираше на 18 годишнината од формирањето на партијата ДУИ.
Од Алтернатива тврдат дека Албанците немаат потреба за фолкорни идеи, туку реална понуда која ќе ја подобри благосостојбата на Албанците во земјава.
Од Алијансата за Албанците, преку соооштение, велат дека 18 годишнината на ДУИ се карактеризира без успеси, неисполнети ветувања и коруптивни скандали.
“Ако ДУИ ја исполнеше одговорноста кон граѓаните за сите дадени ветувања и доколку беа искрени за владеење на Албанците и не консензуално, би го подржале кандидатот Албанец на претседателските избори”, велат од Алијансата за Албанците.
Потпретседателот на ДПА, Орхан Ибрахими, не верува дека Албанците ќе ја дозволат, како што вели, оваа следна измама на ДУИ.
“18 години ДУИ дозволува дискриминација на Албанците како во средновековие, уништување на здравствениот и образовниот систем, моноетничка, политичка и непрофесионална судска власт. Масовно бегање на младите, немање перспектива, трагични убиства со политички моменти, разделба и убиства, следење и политички апсења“, вели Ибрахими.
Реакции имало и од различни личности во академската и општествената јавност. Повеќето од нив, идејата на Ахмети ја гледаат како обид за манипулација со албанскиот електорат во недостиг на успеси и позитивни резултати од 18 годишното делување на партијата ДУИ.
Арбен Зеќири