ЦИВИЛ организира извонредно динамичен дводневен семинар овој викенд во Струга, во хотел „Београд“, во центарот на градот, на 24 и 25 октомври (сабота и недела) со почеток во 11 часот.
Со максимално почитување на мерките за заштита од коронавирусот, максимум дваесет луѓе ќе учествуваат во семинар на кој ќе се стекнат со нови информации и вештини за учество во политичките процеси.
На семинарот предавачи ќе бидат Џабир Дерала, Петрит Сарачини, Биљана Јордановска и Дехран Муратов, кои ќе одржат низа интерактивни работилници во кои учесниците ќе се запознаат со практични и теоретски содржини на повеќе теми како транспарентност, борба против корупцијата, медиумска писменост и препознавање на лажните вести и дезинформации, мониторинг на избори и на состојбите со човековите права и слободи.
Овој семинар е одлична можност за сите граѓанки и граѓани кои сакаат да соработуваат во проектите, иницијативите и активностите на ЦИВИЛ. Меѓу другото, ЦИВИЛ на овој семинар ќе ги резимира резултатите од претходните граѓански иницијативи, меѓу кои и онаа за укинување на привилегиите на функционерите, во пресрет на воспоставувањето на новиот парламентарен состав.
ЦИВИЛ тим за комуникации