Државниот завод за статистика го објави јавниот Конкурс за ангажирање на реонски попишувачи и реонски инструктори за претстојниот Попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, кој ќе се спроведе од 1-ви до 21-ви април годинава. Пријавувањето на учесниците до овој момент се одвива добро и веќе се пријавени околу 4.000 кандидати заинтересирани за попишувачи и реонски инструктори, соопштуваат од ДЗС.
Пријавувањето е многу едноставно, преку електронската апликација поставена на веб страницата: https://popis2021.stat.gov.mk/ каде што може да се најдат сите информации за повикот. Пријавувањето трае од 23 до 28 февруари.
На конкурсот можат да се пријават сите полнолетни државјани на Република Северна Македонија кои се невработени со завршено најмалку средно образование и имаат основни компјутерски вештини.
Дополнително, Државниот завод за статистика во Правилникот за утврдување на начинот и поблиските услови за утврдување на надоместокот за извршените работи на учесниците во Пописот, 2021 година ги утврдува и надоместоците за реонските попишувачи и реонските инструктори.
Надоместокот за попишувачите за правилно внесени податоци во електронскиот прашалник се утврдува да изнесува: За попишувач паушален износ од 4.000 денари, за секое попишано лице по 30 денари, за секој попишан стан по 20 денари, за секое попишано домаќинство по 50 денари, за лице определено за резерва паушал од 5.000 денари, за секој ден ангажирање по повик на резервниот попишувач 700 денари дневно.
Надоместокот на реонскиот инструкторот се утврдува да изнесува: За реонски инструктор паушален износ од 5.000 денари, за секоe попишано лице од попишувачот по 3 денари, за секое попишано домаќинство од попишувачот по 5 денари, за секој попишан стан од попишувачот по 2 денари.
Од ДЗС ги поттикнуваат сите заинтересирани лица за учество во пописните активности да се пријават на Конкурсот за реонски попишувачи и реонски инструктори, а крајниот износ на надоместот ќе зависи најмногу од нив – од нивната професионалност, посветеност и квалитетот на извршеното попишување.