Деновиве, во ЦИВИЛ се јавија голем број граѓанки и граѓани со прашања дали ќе може да учествуваат во пописот на тој начин што ќе ги дадат одговорите на попишувачот пред вратата на станот или во дворот на својата куќа. ЦИВИЛ се обрати до Државниот Завод за Статистика (ДЗС) со прашањето дали може да се изврши пописот на тој начин, бидејќи немаат никаква намера да го бојкотираат процесот. Прашањето беше: Дали граѓанките и граѓаните кои не се чувствуваат доволно безбедно, може да одговорат на прашањата на попишувачите пред вратите на своите домови?
„Сите граѓанки и граѓани кои не се чувствуваат комфорно да им дозволат на попишувачите да влезат во нивните домови, истото можат, како што препорача и Комисијата за заразни болести, попишувањето да го извршат пред вратите на своите куќи или станови, а доколку временските услови дозволуваат во моментот, истото може да се спроведе во надворешни услови, односно во дворовите на куќите или пред влезовите на зградите“, одговорија од ДЗС за ЦИВИЛ.
И.К.