Арбен Зеќири
„Странски служби“ беше поимот кој прв го употреби поранешниот премиер, сега во егзил, Никола Груевски. Во времето кога сегашниот премиер Зоран Заев ги објавуваше бомбите, Груевски обвинуваше дека прислушувањето е извршено од жолто комбе и од странски служби, алудирајќи на разузнавачки служби од странски држави. Потоа, не само што никогаш не се објавија кои се тие служби, туку во судски постапки се докажа дека нелегалното прислушување го спроведувало токму Министерството за внатрешни во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.
Последните месеци, како пред, така и по претседателските избори, на една интернет страница почнаа да се објавуваат нелегално прислушувани разговори од различни јавни личности и политичари од земјава. Тоа што се откри од првите објавувања е дека интернет страницата е руска, а во последната „бомба“ апла се гледа дека е објавено од Будимпешта. „Случајно“ двете локации се од земјите кои му дадоа најмногу поддршка на режимот на Никола Груевски, а тој самиот добил и азил во Будимпешта. Симптоматичен е и фактот што токму од тој град е објавен разговор на пратеникот Павле Богоевски, кој е претседател на Комисијата за мандатни и имунитетни прашања, која наскоро ќе треба да заседава за одземање на пратеничкиот мандат на Груевски заради неоправдано отсуство од работното место пратеник во Собранието на РСМ.
Потенцирањето на овој факт, во никој случај, не треба да се сфати погрешно, поточно, никако не смее да се сфати како обид за амнестирање на Богоевски кој самиот ќе треба да расчисти со овој случај, а на тоа треба да работат и компетентните институции. Но тоа што, исто така, треба институциите да го истражат е операцијата која е започната од странски земји, од многу сомнителни служби, а кои потекнуваат од земји поддржувачи на поранешниот режим, а и сега играат во корист и по потреба на поранешниот режим.
Во никој случај не треба и не може да се споредуваат „бомбите“ на Заев со новите таканаречени „бомби“ пуштени од Русија и Будимпешта. Првите беа обезбедени од официјални лица во УБК кои, во улога на укажувачи или, попознати во јавноста, свиркачи, своевремено ги обезбедија оригиналните докази за еден огромен криминал во кој беа вплеткани највисоки владини функционери. Пред сѐ, тие ја разобличија самата пракса за нелегално прислушување што го спроведуваше тајната полиција на Груевски и Мијалков.
Тие бомби беа автентични и пренесуваа интегрални разговори, без поправки, сечење или лепење, како што се бранеше Груевски. Новите „бомби“ немаат ни име ни презиме на објавувач, како што беше Зоран Заев во првиот случај.
Тоа што најмногу ги разликува бомбите во двата случаи е и самата намера и цел на објавувањето. Премиерот Заев, од самиот почеток истакна дека има две цели, прво да се докаже нелегалното прислушување и второто, да се докаже криминалот што го направиле високи функционери на режимот. Заев имаше и конкретна кауза, бараше формирање на Специјално јавно обвинителство, им ги предаде материјалите, побара техничка влада што помогна во организирање на фер избори, а самиот скандал го стави во функција на постапки во институционални рамки.
Во најновиот случај, објавувањето се врши селективно, без конкретни барања или цели, без политички претставници и без конкретни очекувања. Единствено останува сомнежот, кој сѐ повеќе расте, дека единствената цел е да се компромитираат јавни личности, граѓани и граѓанки, бизнисмени и други категории. Ова е опасна операција, бидејќи нема ниту борба за правда, ниту борба против криминал, туку само борба за враќање на еден срушен режим. Притоа, во опасност се доведуваат лични судбини, без да се постигне некој јавен или државен интерес.