Во март 2021 година, пратениците од Демократски сојуз, Левица, ВМРО-НП, ЛДП и СДСМ до Собранието поднесоа Предлог закон за измени и дополнувања на Изборниот законик, со којшто се предвидува Северна Македонија да биде една изборна единица на следните парламентарни избори наместо шесте изборни единици во коишто досега се бираа пратеници. Деновиве, темата е повторно актуелизирана, како од помалите партии, така и од опозицијата, која со повторно ставање на темата за една изборна единица во фокусот, сака да го протне на мала врата прашањето за предвремени избори.
Mинистерството за правда, уште на почетокот на 2021 започна со работа на измените во Изборниот законик. За таа цел се формираше работна група во која учествуваа претставници на граѓанските организации, меѓу кои и ЦИВИЛ, Државната изборна комисија, Антикорупциската комисија, Државниот завод за ревизија, политичките партии и експерти што согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР, но и на сите релевантни чинители работеа на конкретни измени по членови и ставови во самиот законик.
ЦИВИЛ како организација што будно и во континуитет ги следи изборните процеси, имаше активно учество во работната група за измени во Изборниот законик. Дел од препораките на ЦИВИЛ за измени во Изборниот законик се однесувата токму на темата која разни политички чинители ја актуелизираа деновиве: Една изборна единица – Воведување на отворени листи , што се во контекст на останатите измени кои ги препорачува Цивил : Реформи на ДИК, вклучително и на структурата на институцијата – Овластени лица за поднесување на приговори да бидат и релевантни домашни организации кои спроведуваат мониторинг на изборните процеси – Прочистување на Избирачкиот список – Продолжување на рокот за обуки и едукација, како и избор на членови на ОИК и ИО, во случаи кога се работи за редовни изборни циклуси – Регулирање на периодот од распишување на изборите до официјалниот старт на изборната кампања, кога учесниците во изборните процеси наоѓаат начини да го заобиколат законот и да започнат со предвремени изборни кампањи долго пред законски предвидената рамка – Промени во начинот, динамиката и обемот на кампањите за едукација на гласачите .
Сите овие препораки за измени на Изборниот законик се објавени во Публикацијата на Цивил „Локални избори 2021: Научени лекции“