пишува ДИЈАНА ТАХИРИ
Човекот што би требало да повикува на смиреност и молитви, повикува на непослушност и евентуално колективно „самоубиство“, ако Владата не му даде дел од финансиската помош што “му следува“, или и следува на Исламската верска заедница, а со тоа по дифолт, и нему лично, каков што го познаваме.
Според начелата на верата што решил да ја претставува, а тоа го прави спротивно од тие, а и секои други хумани начела, првото нешто што треба да го направи, е да биде барем декларативно позициониран како заштитник на следбениците на верата што решил да ја претставува. Но, како и многу пати до сега, Реисот Сулејман Реџепи – Ролекс – Жарко, го докажува своето крајно егоцентрично и криминално владеење со една од најголемите верски заедници во земјава.
Со оглед на фактот што верските заедници самостојно располагаат со стекнати приходи, а приходите ги стекнуваат од разни сомнителни субјекти, и дел од самите верници, и како непрофитни организации имаат олеснување во даночењето, сигурно дека имаат повеќе од доволно за да си ги финансираат потребите на заедницата, како и впрочем, личните мегаломански потреби.
Реџепи се закани со повик до верниците за непослушност, односно непридржување кон мерките против ширење на Ковид-19, доколку Владата не и помогне финансиски на Исламската Заедница, со што постави ултиматум. Дека ќе направел „Бангладеш“ со короната ако ги повика верниците. Ултиматумот, не е штетен по Владата, штетен е по верниците коишто планира да ги повика да се вратат во џамиите, по нивните семејства, и по уште многу други семејства. Во други земји, оваа закана би се сметала за терористичка.
Прашање е дали Владата, од каде што се произнесоа дека помош ќе има за сите, но дека мерките мора да се почитуваат, ќе преземе нешто околу оваа закана, којашто во прва рака е закана кон граѓаните? Дали конечно на човеков некој ќе му застане на пат, и ќе одговара пред законот?
Или ќе се чека прво да ја оствари заканата па тогаш сите ќе рипнат на нозе и со осуди и со преземање мерки за расчиствуање на случајот.
Како беше онаа народната, што се применува и во справување со корона вирусот: Подобро да се спречи отколку да се лечи.