од корнер: ЗОРАН ИВАНОВ
Човекот пак мами. Зборот е за Христијан Мицкоски. За предизборното време на актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ. За него и за тие најблизу до него. Човекот пак мами и тоа пак за Преспанскиот. А многу добро знае дека ниту запирка не ќе може да смени. Ниту пак ќе смее да пипне нешто во него. Па сепак, тој и натаму упорно, ќе го менувал.
На оваа тема, ваму кај нас, се сили. Таму, кај неа, кај американската амбасадорка, преде, пелтечи, поттрепнува. Нејзината изјава била во насока Преспанскиот договор да не се злоупотребува во изборната кампања. А таа всушност под мустаќ му списка тој и неговата партија повеќе да не ги манипулираат граѓаните со пораките за ревидирање на Преспанскиот.
Го прави тој тоа овде, надвор, пред граѓаните. Таму, внатре на калето, како и сите други наши, гувее како млада невеста. И сега за Преспанскиот слуша, трепка, клима со главата. Потоа, ваму надвор, се петелчи. Се мачи со некакви објаснувања за некакви совети, за некаква насока препорачана од американската амбасадорка. Бара зборови да ја ублажи пораката за тоа на каде и до каде тој, Мицкоски, ќе може да се движи со темата Преспански. Онака понизно лидерски објаснува дека всушност ќе мора да го заврти листот и дека ќе мора да престане со реториката со која досега манипулираше и со која досега си поигруваше со чувствата на луѓето.
Не му треба многу. Просто е. Би можел само да го изговори тоа што го мисли. Само на луѓето да им каже тоа што е. Дека Преспанскиот е завршена работа. И дека на договорот е ставена точка. Сѐ друго, секаква друга вербална еквибрилистика на темата Преспански, е само мамење. Свесно наменско политичко предизборно мамење.
Сега, по средбата со американската амбасадорка, своите на избори ќе мора да ги води со неговиот радикално поинаков став. На противниците на Преспанскиот, на бојкотирачите, на граѓаните кои веруваа во чуда, ќе треба тоа подробно да им го објасни. Да им каже дека од него не го слушале тоа што го слушале. И ќе треба да бара начини на темата Преспански да си ја санира својата лидерска партиска позиција. По долгото мамење, само тој си знае како натаму, сега предизборно, ќе се вади од пропагандната клопка во која тој самиот си се смести.
А можеше и уште може да го следи примерот на грчкиот премиер. На младиот, исто како и татко му, тврдокорен националист Мицотакис. За тамошната, исто така тврдокорна јавност, тој гласно и јасно изговори дека Преспанскиот, на писмено и со грчки државен печат, ги признал и македонската држава и македонската нација и дека сега тој тука не можел ништо.
Грдо е да се мами. Кога тогаш, лагата се враќа. Онака, како бумеранг. Ако не се врати самата, ќе ти ја вратат од горе. Како сега на Мицкоски.
Како ехо од скопското Кале.
Сите права се задржани. Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста.