Вицепремиерот Бујар Османи на денешната прес-конференција соопшти дека европската комисија во овие два дена ќе ја финализира првичната рамка за почеток на преговорите со Европската унија.
Исто така, тој додаде дека до крајот на месецов во рамки на хрватското претседателство се очекува првата верзија, тоа е стандардна процедура, но означува голем исчекор.
„На нашата генерација ѝ падна среќа да ги почнеме преговорите со ЕУ, а со тоа ја имаме и одоворноста да ги ставиме европските интеграции на прво место и тоа да го направиме на најдобар можен начин. процесот на евроинтеграции не е запрен, а почетокот на преговорите го очекуваме наскоро“, изјави Османи.
Тој додаде дека нацртот на преговарачката рамка ќе биде проследен и со мини извештај за состојбите и напредокот на земјава и ќе биде предаден на телото составено од амбасадорите на земјите-членки во Брисел наречен КОРЕПЕР, а потоа оваа нацрт преговарачка рамка ќе биде предадена на КОЕЛА – Комитет за проширување на Советот на ЕУ, работно тело составено од претставниците на сите членки.
Со тоа, како што појасни вицепремиерот, почнува и фактичкото усогласување на самата рамка следејќи ги позициите на земјите-членки.
Истакна дека усогласувањето на преговарачката рамка за другите земји траело два до три месеци, а за нас тоа значи дека процесот ќе продолжи во рамките на германското претседателство, што, според него, е добар сигнал за нас имајќи ја предвид лидерската позиција на Германија во процесот на проширување.
– Тоа е стандардна процедура што ја поминале сите земји-членки или земји кои сега преговараат, но тоа што е важно за нас е што означува нов исчекор, ново скалило за почеток на преговорите, односно официјалната прва меѓувладина кнференција што ја очекуваме на есен, рече Османи.
Исходот од преговорите, како што посочи, сите најдиректно ќе не засега и затоа, покрај ЕУ, за почеток на преговорите треба да се подготивиме и ние.
– Како главен преговарач со ЕУ, сметам дека постојат прашања за кои ние како општество мораме да иницираме дебата и да се договориме за да ја дочекаме подготвени првата меѓувладина конференција и почетокот на преговорите. Тука не сметам на административно-техничката и експертската подготовка. Денеска сакам да порачам дека ни е потребна политичка подготовка. Изградба на општествено политички консензус за приоритет на европските интеграции како наднационален, надпартиски, стратешки интерес на државата и сите граѓани, истакна Османи.