Украина е таа што треба да одлучи кои се условите за мировните преговори за прекин на конфликтот, порача денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Ануар ел Ануни, во одговор на коментар на ЕУ за очекувањата од за денеска најавените разговори меѓу украински и руски претставници во Истанбул.
– Ги поддржуваме дипломатските напори за постигнување праведен, сеопфатен и траен мир во Украина. Тоа е во согласност со меѓународното право, вклучително и со Повелбата на ОН, и ние ќе продолжиме да работиме заедно со Украина и да ја поддржуваме нејзината независност, суверенитет и територијален интегритет, истакна Ел Ануни.
Во однос на најновиот развој на настаните на бојното поле, Ел Ануни рече дека не е работа на ЕУ да коментира која било воена стратегија, потенцирајќи дека согласно Повелбата на ОН, Украина има право да се брани од руската агресија.
– Ништо за Украина без Украина и ништо за украинската безбедноста без ЕУ, додаде Ал Ануни.
Во однос на информациите дека Русија во рамки на преговорите барала писмена гаранција дека НАТО нема да се шири кон исток, вклучително и со прием во членство на Украина, Молдавија и Грузија, главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо изјави дека рускиот претседател Владимир Путин најавил дека ќе достави писмен документ со некои од условите за одржување на мировните разговори.
– Колку што ни е познато, ништо не е доставено, а имајќи ги предвид и разговорите што ќе се одржат подоцна денеска во Истанбул, рече Пињо, додавајќи дека треба да се видат овие барање и да се процени дали тие навистина се разумни за да бидат услов за започнување на преговори, ренесе МИА.