Според проценките на статистичкиот завод на Европската унија, Евростат, бруто домашниот производ во 19 земји на еврозоната забележал пад од 3,8 отсто на квартално ниво што претходно и беше предвидено од страна на економистите.
Во соопштението на Евростат се наведува дека ова е најостриот пад од 1995. година, откако се води евиденција на економскиот раст во овој блок. Истовремено, ова претставува и најголем меѓугодишен пад од 3,2 отсто во еврозоната, а забележана е рецесија од 4,5 проценти.
Француската економија е најголем губитник во првите три месеци од оваа година, со пад од 5,8 отсто на квартално ниво, а по неа се Словачка со 5,4 и Шпанија со 5,2 отсто. Економијата на Италија бележи пад од 4,7 проценти на квартално ниво, со што оваа земја и официјално влезе во рецесија, по намалувањето на производството од 0,1 процент во последното тримесечје од 2019 година.
Најголемата економија во зоната на еврото, Германија, помина подобро со пад од 2,2 отсто, додека Финска е единствената земја во монетарната унија која успеа да оствари раст од 0,1 процент.
Евростат исто така соопштува дека извозот во еврозоната опаднал за 6,2 проценти во март како резултат на пандемијата, а значително поголем пад забележува увозот, за дури 10,1 отсто на годишно ниво. Тоа е резултат на повлекувањето на надворешнотрговскиот суфицит на еврозоната на 28,2 милијарди евра на ниво од 22,7 милијарди една година претходно.
Трговската размена меѓу земјите во еврозоната падна за 12,1 процент во март во однос на претходната година на 153,3 милијарди евра.
Вработеноста во 19 члениот блок исто така бележи опаѓање на квартално ниво за 0,2 отсто во периодот јануари – март, по што меѓугодишната стапка на раст на вработеноста потона на 0,3 проценти во однос на растот од 1,1 отсто во претходните три месеци.