МИРЈАНА НАЈЧЕВСКА
Нѐ убедуваат дека тие кои се на власт ги оценуваме на наредните избори. Со тоа што ќе им го дадеме или нема да им го дадеме нашиот глас. Со тоа што ќе ги избереме или нема да ги избереме.
Сѐ е тоа во ред, меѓутоа, прашањето е, како да оцениме? За да го направиме изборот.
Јас предлагам неколку критериуми кои можат да ни помогнат во процената. И во изборот.
-
Влада која постигнува резултати
Успешноста на една власт не се мери според тоа колку се труделе, колку сакале и какви намери имале функционерите во власта, туку според резултатите кои ги постигнале. Не ме интересира добрата желба, ниту вложените напори, ниту потрошеното време. Ме интересира кој е конечниот резултат. Видлив и мерлив.
Се мери колку луѓето живеат подобро, колку се посреќни, колку се посигурни, колку повеќе имаат доверба во државата и државните органи, колку повеќе сакаат да останат во државата, колку повеќе знаат и умеат, колку се поздрави, колку подолго живеат, колку е почист воздухот, колку е помала разликата од развиените демократски држави, колку е намален бројот на бебиња кои умреле… Со бројки.
Власта која се повикува на вложениот напор, пролеаната пот, херојските напори, жртвите на секој функционер кој си вадел од устата за да им даде на граѓаните, е власт која сака да замачка отсуство на резултати.
-
Власт која не ги повторува грешките
Успешноста на една власт се мери според тоа колку успева да ги препознае сопствените и грешките на другите, колку успева да разбере зошто и како настанале тие грешки и има јасна претстава како да не ги повтори. Впрочем и кај највисоките достигнувања има грешки, а кој работи има право и да згреши.
Но владејачката структура која одново и одново повторува исти постапки кои граѓаните ги оценуваат како погрешни, кои се спротивни на законите, кои значат прекршување на законите и кои очигледно нанесуваат штета на целата заедница, очигледно не е деловно способна, бидејќи не прави разлика меѓу добро и лошо. Или е криминална, бидејќи ја прави оваа разлика, меѓутоа најсвесно решава да прави лошо. Ова е потполно независно од дадени изјави на високи функционери дека ги разбираат грешките, од раце ставени на срце, поклонувања, тратувања од земја, паѓања на колена и слични сценско-уметнички активности.
Владејачката структура која одново и одново ја фрла топката во височина и со воодушевување констатира дека топката одново и одново паѓа на земи, која ја става раката на секоја запалена рингла за да провери дали навистина на секоја од ринглите ќе се изгори и која упорно дува на јогурт, а ја срка жешката супа, нема способност да учи ни од сопствените, а камо ли од туѓите грешки.
-
Власт која не нуди изговори
Една власт е успешна тогаш кога не бара и не дава изговори заради направените пропусти, прекршувања, неисполнети задачи.
Владејачката структура која цело време се изговара дека ѝ се врзани рацете, дека такви биле условите, имало надворешни објективни причини, граѓаните погрешно разбрале, доцнел автобусот, морале да ја носат бабата на доктор, кучето им ја изџвакало домашната… е структура од која не можеме да очекуваме работа и резултат. И сигурно нема да ги добиеме!
-
Власт која не ја префрла вината на претходната власт
Една власт е успешна тогаш кога има сили и способности да се надоврзе и да го надгради сѐ она што било добро направено од претходната власт (независно дали таа власт била од истата или различна политичка провиниенција), а да го констатира или да го антиципира и да подготви алатки за справување со сѐ она што било лошо направено од претходната власт.
Владејачката структура која негира сѐ што е претходно направено, прекинува проекти без да ги анализира и да ги процени бенефитите од продолжувањето на проектите наспроти штетите кои може да се очекуваат, е власт која нема капацитет на државотворност. Затоа што државата треба да функционира во континуитет, да се развива и надградува. А не одново и одново да почнува од темелите, да биде „прва во нешто“ (што и да е тоа нешто)…
Владејачката структура која цело време зборува за пропустите и грешките на претходната владејачка структура, која сопствениот успех го мери со мерилата на неуспехот на претходната власт, или ги минимизира сопствените грешки со повикување на грешките на претходната власт, е власт која сака да го дефокусира вниманието на јавноста од фактот дека во предизборната кампања лажеле дека знаат поинаку, умеат подобро и можат да се справат со актуелната ситуација.
Убаво е што имаме право да бираме.
Ама, ајде да пробаме да избираме врз основа на објективни мерила и критериуми.
Можеби тогаш ќе излеземе од затворениот круг на привид на избор и фатаморгана на различност.