Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во вторникот го повтори ставот на Турција дека Анкара го поддржува територијалниот интегритет на Украина и ја отфрла руската анексија на Крим во 2014 година, јавува државната агенција Анадолу, пренесува Си-Ен-Ен.
Ердоган во видео порака на Вториот самит на Кримската платформа што се одржа онлајн, рече дека Крим мора да и се врати на Украина.
„Враќањето на Крим на Украина, чиј нераскинлив дел е, во суштина е услов на меѓународното право“, рече Ердоган.
Ердоган нагласи дека Анкара ќе продолжи да ја поддржува Кримската платформа, која беше формирана за решавање на кримското прашање по мирни средства.
„Турција не ја признава анексијата на Крим и од првиот ден отворено кажува дека овој чекор е нелегитимен и незаконски. Ова е принципиелен став кој има не само правни, туку и морални основи“, истакна турскиот претседател.
Ердоган додаде дека заштитата на територијалниот интегритет, суверенитет и политичкото единство на Украина е „критична“, не само за регионалната, туку и за глобалната безбедност и стабилност.
„Обезбедувањето на безбедноста и благосостојбата на нашите сонародници, кримските Татари е исто така меѓу приоритетите на Турција“, рече тој.
Подготви: Д.Мишев