Европската унија планира со рестриктивни мерки да ја санкционира смртта на Махса Амини и реакцијата на иранските безбедносни сили на протестите што следеа, изјави денеска шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.
Со земјите-членки ќе продолжиме да ги испитуваме сите опции кои ни стојат на располагање, вклучително и рестриктивните мерки, истакна Борел пред пратениците во Европскиот парламент на пленарната седница во Стразбур.
Махса Амини имаше 22 години. Беше во посета на главниот град на својата земја. Полицијата ја уапсила само поради марамата на глава, а потоа заврши в болница каде набрзо почина, потсети тој.
Потоа, по нејзината смрт, да кажам нејзиното убиство, видовме дека бранот на гнев се претвори во протести насекаде низ Иран, додаде Борел.
Тој го осуди „несразмерниот“ одговор на безбедносните сили. Тоа „предизвика загуба на десетици човечки животи и апсења“.
Во Иран, како и секаде, луѓето имаат право на мирни протести. Толку е едноставно. И јасно е дека тоа право не е загарантирано, обвини шефот на дипломатијата на ЕУ.
Повеќе земји-членки ја повикуваат ЕУ да воведе санкции за одговорните за репресијата.
На 12 април 2011 година, ЕУ воведе санкции кон Иран поради сериозно кршење на човековите права. На 23 март 2012 година беа додадени дополнителни мерки, вклучително и ембарго на опрема што може да се користи за внатрешна репресија и на опрема што може да се користи за надзор или пресретнување на интернет и телефонски комуникации на мобилни или фиксни мрежи. Овие санкции се во сила до 2023 година.
За состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ на 17 октомври би можело да биде подготвен нов пакет санкции. За негово усвојување потребна е едногласна одлука на сите земји-членки на Унијата.