Европската кампања за гарантирани шеми за минимален приход во Македонија денеска ќе се презентира во Скопје со почеток во 14 часот на плоштад „Македонија“.
За таа цел ќе допатува брендиран Европскиот автобус со претставници на Европската мрежа против сиримаштија кои заедно со организаторот Македонска платформа против сиромаштија ќе ги пренесат пораките за неопходноста од постоење на гарантирани шеми за минимален приход и итно намалување на сиромаштијата.
Планирана е отворена дискусија на тема „Какви шеми за минимален приход ни се потребни во Македонија?” и средби со граѓански организации и граѓани.
Автобусот од Солун вчера пристигна во Струмица ,а утре ќе патува во Делчево и ќе продолжи кон Благоевград.
Како во Струмица, така и денеска во Скопје планирани се кратки поздравни говори со пораки за намалување на сиромаштијата и гаранции за достоинствен живот на граѓаните, симболично потпишување на автобусот во знак на поддршка на кампањата и симболично потпишување на европската петиција, како и отворена дискусија со граѓански организации, институции и граѓани кои живеат во сиромаштија.
„Планираните активности се поклопуваат со заложбата на Владата на РМ за реформи во социјалната сфера, воведување на минимален достоинствен приход и нов закон за социјална заштита, но и се во време на социјални движења во политиките на ЕУ, со што сметаме дека даваме есенцијален прилог во креирањето на квалитетни политики за намалување на сиромаштијата“, велат од МППС.
МЛ