Додека пандемијата на КОВИД-19 зема сѐ поголем замав во светот и претставува невиден предизвик за сите држави, во време кога е потребно итно и сеопфатно делување од целиот свет, Европската Унија, се чини, се најде во „војна“ на повеќе нивоа.
Од една страна, секојдневно расте бројот на заболени и починати, а од друга, можеби светот досега доживеал и преживеал и поголеми катастрофи од оваа, но Унијата како целина, за прв пат се соочува со криза од вакви размери, во која секоја членка, покрај сопствената иднина, има обврска да ја земе предвид иднината на останатите. Третата, можеби не толку важна во овој момент, но сепак присутна битка, е битката со евроскептиците кои како со нетрпение да очекуваа ваква или слична катастрофа само за да „докажат“ дека Унијата не може да функционира.
Критиките одат до таму што некои тврдат дека Унијата веќе е поделена меѓу северот и југот. Понатаму, се шират благодарници за Русија и Кина, кои деновиве „несебично“ ѝ помагаат на Италија, како најпогодена од пандемијата. Помошта од овие две земји секако е за поздрав. Но, изјавите од типот дека Германија не се грижи за Италија, или пак дека Шпанија е оставена сама, не само што се невистинити, туку уште повеќе зборуваат за скриените намери на „критичарите“.
ШТО ОДЛУЧИ ЕВРОПСКИОТ СОВЕТ?
Лидерите на земјите членки на Европската Унија се согласија да се справуваат со пандемијата на КОВИД-19 водејќи се по следните пет начела: ограничување на ширењето на вирусот, обезбедување на медицинска опрема со посебен фокус на маски и респиратори, промовирање на истражувања за вирусот (вклучително и истражувања за вакцина), справување со социо-економските последици и помош на граѓаните заробени во трети земји.
Контролата на надворешните граници на Унијата е засилена со примена на координирано привремено ограничување на патувањата во ЕУ, а според ситуацијата ќе одлучат дали овие мерки ќе бидат продолжени или не. Лидерите се согласија и да обезбедат непречено управување со границите за лица и стоки.
Обезбедувањето на итна и соодветна набавка на медицинска опрема во цела ЕУ е најголем приоритет. Советот ја повика Комисијата да ги продолжи и да ги забрза своите напори да помогне во овој поглед. Лидерите побараа од Комисијата да ги истражи начините за забрзување на постапките во врска со иницијативите за набавки за опрема за лична заштита, вентилатори и материјали за тестирање.
ЕУ го зголемува и буџетот за стратешки залихи на медицинска опрема за спасување на ЕУ, вклучително и за интензивна нега, вакцини и лекови. Одлуката за овластување за извоз на лична заштитна опрема треба да доведе до укинување на сите форми на внатрешни забрани или ограничувања. Според препораките на СЗО донесена е одлука за итно зголемување на капацитетите за тестирање, а земјите-членки се должни да поднесат извештај до Комисијата за состојбата.
БЕЗ ГЕОГРАФСКИ БАРИЕРИ
Во однос на третото начело, промовирање на истражувања за вирусот, веќе се мобилизирани 140 милиони евра за 17 проекти, вклучително и оние за вакцина, нагласувајќи ја итната потреба од споделување научни информации и соработка во рамките на Унијата за развивање на вакцина во најкус можен рок, која ќе биде достапна за сите што имаат потреба, без никакви географски бариери.
Лидерите ги поздравија иницијативите преземени од Комисијата, Европскиот совет за иновации и Европската инвестициска банка за обезбедување на финансиска поддршка за јавното здравство.
Советот ја поддржа и акцијата преземена од Европската централна банка за обезбедување на поддршка на условите за финансирање на сите земји во еврозоната во обидот за справување со социо-економските последици.
Земјите членки презедоа обемна акција за поддршка на нивните економии и за ублажување на социјалните и работните проблеми, нагласувајќи ја потребата од флексибилност. Предлогот на Комисијата за инвестициска иницијатива за справувањето со корона вирусот ќе обезбеди 37 милијарди евра инвестиции за решавање на последиците од кризата. Со предложената измена на Фондот за солидарност на ЕУ, овој фонд може да се користи и за итни случаи како што е појавата на КОВИД-19.
КАДЕ Е ТОГАШ ПРОБЛЕМОТ?
Поделеноста меѓу „Северот“ и „Југот“ на Европската Унија се прекрши во однос на прашањето како да се одговори на економската криза предизвикана од пандемијата на КОВИД-19. Шпанската економија хибернира, Италија е пред колапс, Франција користи две третини од капацитетот, а штетите кои треба да се покријат се проценуваат на трилиони евра…
Додека земјите во Јужна Европа, како Франција, Шпанија и Италија побараа заеднички одговор на предизвикот, како што е масовна евро-обврзница, потпишана од сите земји членки, „северна“ Европа, на чело со Германија и Холандија се спротивставија на идејата обвинувајќи го „Југот“ дека премногу долго време живее на нивна сметка.
Ваквиот став е сосема легитимен и оправдан. Далеку од тоа дека „Северот“ не се солидаризира со „Југот“, но се чини дека ваквото барање е едноставно премногу со оглед на тоа што и овие земји подеднакво како и Италија, Шпанија и Франција се поставени пред истиот предизвик и се соочуваат со истите опасности.
Едноставно, влогот е премногу голем, а секоја земја-членка е, пред сѐ, одговорна за своите граѓани. Комплексноста на Европската Унија, бројните легислативи, административните процедури и разликите дополнително го усложнуваат проблемот.
Европските министри имаат две недели да изнајдат решение, а според најавите, заедничкиот договор не е невозможен иако би можела да биде политички неодржлива за многу земји. Несогласувањата на земјите-членки околу евро-обврзницата, помошта која постојано стигнува од останатите делови на светот, евро-критичарите ја искористија за ширење на перцепцијата дека Европа ги напушта своите вредности и дека полека, но сигурно, се наѕира нејзиниот распад.
ШТО НАВИСТИНА СЕ СЛУЧУВА ВО УНИЈАТА?
Над 4.000 заробени државјани на ЕУ се вратени со 25 летови, испорачани се околу 3,5 милиони маски за лице до Италија од Германија, Франција и Австрија. Но, повторно, евроскептиците го искористија моментот велејќи дека помошта пристигнала премногу доцна.
Во меѓувреме, Кина понуди 2,2 милиони маски и 50.000 тестови за КОВИД-19, респиратори и медицински персонал. Повторно се јавија загрижените критичари небаре станува збор за натпревар, а не сериозна криза. Во меѓувреме, официјалните претставници на земјите членки на ЕУ постојано нагласуваат дека ја зголемуваат меѓусебната соработка и покрај несогласувањата околу економските мерки.
ГЕРМАНИЈА ГО ВКЛУЧИ И ВОЕНОТО ВОЗДУХОПЛОВСТВО ДА ИМ ПОМОГНЕ НА ИТАЛИЈА И ФРАНЦИЈА
Германија испорача заштитна облека во Швајцарија, Австрија, Романија и Шведска, се согласи да лекува повеќе од 70 тешко болни пациенти од Италија и повеќе од 50 од Франција. Воздухопловните сили на Германија транспортираат тешко болни од корона вирус надвор од Бергамо, Италија.
Airbus A310 MedEvac ги донесе италијанските државјани во Келн, каде што треба да се лекуваат во цивилни болници. Германските воздухопловни сили извршија слични мисии во текот и на минатиот викенд. Воздушниот транспортер Атлас А400М на германскиот Луфтвафе се користи за транспорт на пациенти од Стразбур, Франција, до Улм, Германија, за да ја олеснат состојбата на пренатрупаните француски болници.
ШТАЈНМАJЕР ПОВИКА НА ВИСТИНСКИ ГЛОБАЛЕН СОЈУЗ
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаjер повика на „вистински глобален сојуз“ за борба против пандемијата на корона вирусот во текст објавен во британскиот весник „Фајненшл тајмс“ во средата. „Не може да има победа над вирусот во само една, или во некои земји. Сите ние имаме со што да придонесеме без оглед на големината на нашите економии или население. Глобалното решение е во личен интерес на сите“, напиша Штајнмаjер.
Луксембург и Швајцарија, исто така, примија дел од тешко болните пациенти од најтешко погодените земји на ЕУ.
Претседателот Емануел Макрон изјави дека „Франција стои од страна на Италија“ во справувањето со пандемијата, помагајќи со медицински наметки и маските и покрај тоа што и Франција има огромен недостаток од оваа опрема.
Шпанија прими 10.000 комплети за лична заштита, вклучително и маски, ракавици и заштитни очила, од Чешката Република како одговор на барањето што Мадрид го направи минатата недела во центарот за координација за спасување од катастрофи во НАТО.
СОЛИДАРНОСТ ПРЕД СЀ
Ова се само дел од чекорите што земјите членки ги преземаат во насока на помош на останатите во Унијата. Но за светот во овој момент тоа се чини недоволно.
Додека светот се обидува да се избори со пандемијата, најмалку што е потребно е да се поттикнуваат поделби и раздор не само во Европската Унија, туку на секоја точка од земјината топка.
Сега не е време за натпревар околу тоа кој, колку, кога и со која цел помогнал некому. Всушност, сега не е ниту време да размислуваме за тоа кој е во право или не. Несогласувања секако ќе има, но она што е важно е да се истрае и да се стори се што е во рамките на можностите на секој поединец, општество, локална заедница и држава. Ова не е криза на Северот и Југот, ниту на Истокот и Западот. Ова е светска криза која не засега сите! Сега е време на одговорност и солидарност!
Маја Ивановска