Европската комисија засега нема да воведе ограничувања на патувањата во шенген-зоната, иако италијанските власти воведоа драстични мерки за корона вирусот, кој предизвика вознемиреност кај населението.
Еврокомесарот за хуманитарна помош Јанез Ленарчич апелира да не се политизира ситуацијата.
„Во моментов не размислуваме за сценарија, како што е координираната суспензија на шенген, но работиме на различни планови за вонредни ситуации“, рече европскиот комесар за управување со кризи Јанез Ленарчиќ.
Инаку, италијанските медиуми пишуваат дека во болницата во Кодоња каде беше хоспитализиран првиот заболен пациент, се заразени најмалку 5 доктори и медицински сестри, а во друга болница каде е хоспитализирана уште едно заразено лице, вирусот го добиле тројца медицински работници.
Засега од Светската здравствена организација нема нови препораки во однос на рестрикција на патувањата во Европската Унија. Секоја земја членка одлучува за себе какви мерки сака да воведе, додека институциите на ЕУ се задолжени за препораки за своите вработени. Европската комисија уште во јануари им препорача на вработените да ги откажат сите патувања во и од Кина, Макао и Хонгконг доколку не се неопходни.