Во морето стандардни општествено – политички теми, за Законот за јазици, загадувањето, претседателските избори, промената на уставното име, особено медиумско внимание предизвика веста дека трансродово лице доби пресуда против Македонија во судот во Стразбур.
Медиумите известуваа: Европскиот суд за човекови права утврди дека државата му го прекршила правото на приватен и семеен живот. (Не)постоечката законска рамка, која има сериозни недостатоци, придонела за стрес и несигурност на транс лицето во признавањето на неговиот родов идентитет, пишува во пресудата.
Правдата во Македонија сè уште далеку од дофат
Она што после европската пресуда е неизвесно е дали институциите ќе овозможат трансродовото лице без никакви пречки да ја спроведе правдата дома. Ова прашање се наметнува бидејќи државата може да го развлече процесот преку поднесување на жалба, а трансродовото лице да биде изложено на дополнителни проблеми и да биде жртва на дискриминација. Пресудата „Икс против Македонија“ допатува од Стразбур во домашните институции. Засега, сè уште е во фаза на анализа и преведување. Во меѓувреме, тече рокот од 3 месеци, во кој Владата мора да дефинира став во однос на пресудата. Односно, дали државата ќе упати жалба до Големиот судски совет на ЕСЧП или ќе чека да истече периодот од 90 дена, со што пресудата ќе стане правосилна.
Одлуката треба да се донесе во рамки на Владата. Единствениот одговор што го добивме од таму е дека во следниот период допрва ќе се гради конечниот став како ќе постапи во конкретниот предмет. Покрај Владата, резервираност за македонскиот одговор на пресудата доаѓа и од другите засегнати институции во случајот – Министерството за правда и Бирото за застапување на Македонија пред судот во Стразбур, како орган во состав на министерството.
„Министерството за правда ќе ги следи препораките на Бирото за застапување на Р. Македонија пред судот во Стразбур. Министерството цели кон исполнување на сите препораки од страна на Европската унија и усогласување на домашната регулатива со европските стандарди“ се вели во краткиот одговор од оваа институција.
В.д. директорката на Бирото, Даница Џонова, една од двајцата владини агенти кои го застапуваа случајот пред судот во Стразбур, смета дека е прерано да каже дали евентуално државата ќе поднесе жалба на пресудата.
„Поради деликатноста на процедуралниот тајминг, јас би се воздржала од коментари на пресудата, зошто доколку државата одлучи да упати барање до Големиот судски совет, Бирото е она кое ќе треба да го образложи и да го упати таквото барање до Големиот судски совет, односно да го артикулира државниот став. Но, доколку пресудата стане правосилна како што гласи, без или по поднесено барање за упатување на предмет до Големиот судски совет, нема дилема дека таа мора да се изврши“, смета Џонова.
Епилогот од конечната разврска на предметот „Икс против Македонија“ го очекуваат и од Управата за водење матична евиденција. Како институција се прогласуваат за ненадлежни за носење одлука на свој товар да направат корекција во матичната евиденција, иако веќе одлучувала во исти предмети и одобрила исправка. Велат дека тие ги вршат промените по претходно барање од Министерството за внатрешни работи, по добиено одобрение за промена на ознаката за пол и матичниот број. На ова тврдење реагираат граѓанските активисти, кои велат дека Управата постапува по барање на граѓаните, а откако ќе ја одобри исправката за ознака на пол, го информира МВР, од каде издаваат нов матичен број.
Извршувањето на пресудата дома, најмногу го очекува невладината организација „Маргини“, која го застапуваше лицето Х пред судот во Стразбур. Добиената правда после 3 години во Европскиот суд и дава ветер во грб да продолжи во борбата за признавање на правата на оваа заедница. Застапничката на случајот, Наташа Бошкова не го крие евентуалното разочарување доколку Владата посегне по жалба.
„Со евентуалната одлука да поднесе жалба против пресудата, Владата ќе покаже недоследност со своите досегашни постапки и ќе ги обезвредни напорите на граѓанските организации, транс заедницата и ЕУ да се донесе закон што ќе овозможи достоинствен живот за една група граѓани без да биде засегнат јавниот интерес“, објаснува Бошкова.
Пресудата на судот во Стразбур доаѓа токму во време кога коалицијата „Маргини“ и државните институции, организирани во работна група, преговараат за можната законска рамка и начинот како да им се овозможи на трансродовите лице правно признавање на родот. Она што веројатно би добило апсурдна димензија е државата да посегне по жалба во ЕСЧП, во услови кога бара механизми низ призма на законски одредби засекогаш да го реши проблемот.
„Навистина сакам да верувам дека Владата ќе биде конструктивна и ќе продолжи да го спроведува започнатото, а тоа е измена на постоечкиот закон со кој се регулираат податоците во матичната евиденција. Имено, и во програмата за работа на Владата за 2019 година е предвидено измена и дополнување на Законот за матичната евиденција, а истовремено и пресудата на ЕСЧП го вели токму тоа. Донесување на закон со кој ќе може на брз транспарентен и пристапен начи да им се овозможи на граѓаните правно признавање на родот. Досега работната група од ноември 2018 година се сретна неколку пати и веќе има предлог текст што ќе биде предмет на дискусија со странски експерт во рамките на техничката помош на Министерстовото за прада од ЕК“, вели Бошкова.
За законско решение, начелно се залага и Министерството за правда кое ќе бара пресликување на европската регулатива во домашните рамки. Паралелно, идејата добива поддршка и од Бирото за застапување на Македонија пред судот во Стразбур.
„Во суштина, Европскиот суд бара јасна и прецизна домашна правна рамка која ќе обезбеди брза промена на податоците во матичната евиденција на трансродовите лица, но ќе ги направи јасни и критериумите кои овие лица треба да ги исполнуваат за целите на промена на нивниот матичен број и ознаката за пол. Би рекла дека ова нуди можност за добар дијалог, а дека пресудата стигнува во вистинско време да даде дополнителен импут во работата на работната група, независно од тоа дали таа ќе остане ваква или во евентуална постапка пред Големиот судски совет, можеби ќе заврши со поинаква содржина“, изјави Џонова, в.д. директорката на Бирото.
Историја на случајот: Име се менува без проблем, но не и идентитет
Лицето Икс е родено во Македонија во 1987 година како девојче. Но, од рана возраст се чувствува како машко. Икс е трансродово лице. На 23 години, ја започнува постапката за менување на полот. Година подоцна, транс лицето доби одобрение од МВР за промена на името и презимето во личните документи. Но, на најголемата пречка наиде во Управата за водење матични книги, која го одби барањето за промена на ознаката пол во матичниот број. Образложението на институцијата е дека лицето нема извршено медицинска трансформација. Наметната обврска од Управата за доставување на медицинска документација не е заснована на законска одредба. Оваа одлука лицето ја обжалило пред Министерството за правда и Управниот суд. Токму Управен суд во два наврати ја усвои тужбата на транс лицето и ја задолжи Управата да донесе позитивно законско решение. Но, клучниот момент за тужбата на Коалицијата „Маргини“ пред судот во Стразбур е тоа што Управата во последната одлука се прогласи за ненадлежна. Тоа се коси со нејзината досегашна пракса, ако се земе во предвид дека токму оваа институција пред година и половина донесе две решенија за промена на пол на трансродови лица, по претходно задолжување од Управниот суд. Сумирано, ЕСЧП донесе позитивна пресуда за Икс лицето, а во македонските судови процесот се уште не е завршен.
Петар Клинчарски