Со над 60 проценти од преброените гласови, исходот од парламентарните избори во Унгарија веќе е јасен – премиерот Виктор Орбан го губи мандатот, додека опозицискиот лидер Петер Маѓар е на пат кон изборна победа. Вака реагираа Европските демократи, кои во својата објава на социјалните мрежи оценија дека станува збор за историски пресврт со пошироки последици за Европа.
„Со над 60% од преброените гласови, исходот веќе е недвосмислен: Виктор Орбан ги загуби овие избори. Петер Маѓар е на пат да победи – и дури може да обезбеди двотретинско мнозинство потребно за враќање на уставниот поредок на Унгарија. Ова е повеќе од политичка промена; ова е демократски ресет. И да бидеме јасни: Доналд Трамп и Владимир Путин губат една марионета во рамките на Европската Унија. Европа е посилна кога демократијата победува.“
Објавата на Европските демократи доаѓа во момент кога резултатите од изборите укажуваат на крај на долгогодишното владеење на Орбан и неговата партија Фидес, што значи тектонска промена во политичкиот курс на Унгарија.
Потенцијалното двотретинско мнозинство за опозицијата би било клучно за демократски и уставни реформи и демонтажа на системот воспоставен во изминатата деценија и пол.
Изјавата директно ги поврзува унгарските избори со глобалните геополитички трендови, посочувајќи на мешањето на Доналд Трамп и Владимир Путин врз политичките процеси во Европа.
И оваа, како и многу други објави во изминатите два-три часа покажува дека смената на власта во Будимпешта не е само внатрешно прашање, туку дел од пошироката борба за демократија, владеење на правото и отпорност кон хибридните операции насочени против демократијата во Европската Унија.
Џ. Д.










































