Европските лидери се согласија со претседателот на САД Доналд Трамп дека е неприфатлив ставот на Русија кон преговорите за прекин на огнот во војната против Украина и планираат заеднички да координираат одговор на тоа, изјави денеска британскиот премиер Кир Стармер.
Стармер ова го изјави на самитот на Европската политичка заедница во Тирана.
Русија и Украина денеска во Истанбул ги одржаа првите директни мировни преговори од почетокот на војната во 2022 година, а тие траеја помалку од два часа, според соопштенијата на министерствата за надворешни работи на Турција и Украина.
Кијив вели дека Кремљ вовел нови „неприфатливи барања“, меѓу кои и повлекување на украинските сили од големи делови на нејзината територија, според украински официјален претставник.
Зеленски претходно изјави дека Украина е посветена на завршување на војната, но ги повика десетиците европски лидери да ги заострат санкциите против рускиот енергетски сектор и банките доколку рускиот претседател Владимир Путин продолжи „со преговорите да купува време“.
Стармер го поддржа неговиот став, велејќи во говорот на самитот во Тирана дека „Русија одолговлекува и игра игри“.
– Мора да бидеме подготвени да ги спроведеме работите во дело, бидејќи ако Русија не седне на преговарачка маса, Путин мора да плати цена, нагласи Стармер.
Шефицата за надворешна политика и безбедност на Европската унија, Каја Калас, исто така рече дека Путин „игра игри, што покажува дека не се сериозни во врска со мирот“.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека е јасно дека „Зеленски бил подготвен за состанок, но Путин не дојде, што го покажува неговиот вистински став“.
Таа информира дека ЕУ подготвува нов пакет санкции, насочени кон флотата товарни бродови што Русија ги користи за да ги заобиколи меѓународните санкции и кон конзорциумот на гасоводот Северен тек.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони нагласи дека напорите за постигнување договор за Украина мора да продолжат.