Филипче посочува дека СДСМ ќе победува кога ќе го промени однесувањето кон членството и цврсто ќе ги реафирмира социјалдемократските вредности. Тој додава дека најавената нова модерна платформа е од клучно значење за подигање на партијата, но и дека мора да направи реорганизација и демократизација на партијата.
„СДСМ ќе победува ако се насочи кон реалните проблеми на граѓаните во политичка програма која ќе значи унапредување на животот во секој сегмент и за секого. По ова треба да биде препознаен СДСМ. Да нуди конкретни решенија и ја доближи својата политичка реторика до граѓаните“ – рече Филипче.
Тој додава дека СДСМ мора да ја негува демократијата и слободата како единствена голема партија во моментов која има целосно демократска ориентација.
„ СДСМ не смее да калкулира со национализмот и да води политики на манипулации на штета на напредокот. Такви партии имаме доволно“ – вели претседателот Филипче.
Тој додава дека СДСМ мора да им се обраќа на работниците и на ранливите групи за кои е направено навистина многу во изминатиот период, пренесе СДСМ.
„Овој пристап кон работниците, комбиниран со ефикасен модел за раст на економијата и поддршка на компаниите, ќе даде резлтат за сите. И ова е политика на заштита на граѓаните која верувам дека ќе биде препознаена пред налетот на дивиот капитализам кој го нуди ВМРО-ДПМНЕ“ – заклучува претседателот Филипче.