Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, денеска пристигнува во Скопје, во рамки на нејзината турнеја низ земјите од Западен Балкан. Во главниот град ќе оствари средби со премиерот Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Фон дер Лајен и Мицкоски ќе имаат тет-а-тет средба во Владата, по што е предвидена заедничка прес-конференција.
Во пресрет на средбата, Мицкоски во изјавата дадена по пуштањето во употреба на реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ денеска повтори дека Владата е подготвена за разговор и решение, отфрлајќи ги обвинувањата на опозицијата дека токму неговата политика го блокира продолжувањето на евроинтегративниот процес.
„Ние сме го кажале ставот многу пати до сега по тоа прашање. Јас немам што да додадам на тоа што сум го кажал и не знам дали понекогаш вреди да се коментира ставот на опозицијата којашто секој ден е, би рекол сѐ порадикален и личи како да се дојдени од некоја Али експрес испорака на некоја друга опозициска партија. Така што тој дел од опозицијата, не би сакал да го коментирам. А нашиот став е јасен, нашите аргументи се јасни, ние сме подготвени да разговараме, да дебатираме и да на крајот од денот најдеме решение“, изјави Мицкоски.
Премиерот во изминатите денови дополнително ја образложуваше позицијата дека сегашната Влада наследила обврски прифатени од претходната власт. Во интервју емитувано на 28 септември тој рече дека аргументот што го слуша од Брисел е дека условите претходно биле прифатени од македонска влада и дека сега неговата влада настојува да најде поинакво решение.
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Средбата нема да биде важна само поради тоа дали двете страни повторно ќе ја потврдат „европската перспектива“. Таа е одамна потврдена. Клучното прашање е дали може да се појави конкретен политички механизам што го претвора упорното барање на Владата за гаранции во решение компатибилно со преговарачката рамка.
Поради официјалната посета на земјава на Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, СВР Скопје – Единицата за безбедност на патниот сообраќај денеска ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на Град Скопје.
МВР апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Д. Муратов
ПОДДРШКА ЗА ЦИВИЛ. ДОНИРАЈТЕ ДЕНЕСКА.
Ако го цените тоа што го прави ЦИВИЛ, поддржете ја нашата работа.
Вашата поддршка ни овозможува да известуваме, да ја одржуваме платформата за демократски дијалог, да објавуваме едукативни содржини, да се бориме против лагите и да ги браниме човековите права и слободата.
Поддржете го ЦИВИЛ. Донирајте ДЕНЕСКА.












