„Поднесовме иницијатива во врска со постапувањето на в.д. директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, со што побаравме одговорност. Меѓутоа во самата иницијатаива во следниот пасус напишавме дека таа одговорност што ја бараме од Владата да ја утврди, е всушност да го разреши согласно член 16 од Законот за филмска дејност“, изјави Владимир Георгиев од Државна комисија за спречување корупција одговарајќи на новинарско прашање дали добиле одговор од Владата за нивното барање за разрешување на Тозија.
„Добивме одговор во предвнидениот рок од 60 дена во кој Владата информираше дека ја разгледала нашата иницијатива дека поради пандемијата, техничка Влада итн., не именувала друг директор, но никаде не наведува и дека ќе го разреши в.д. директорот Тозија. Конечно, во последниот пасус од одговорот пишува дека одговорноста, онака како што сме ја побарале, е предмет на позитивното законодавство во државата и дека тоа е во надлежност на други органи. Ние сметаме дека токму Владата е надлежна, бидејќи според Законот за филмска дејност, Владата е таа што го именува и го разрешува директорот. Оваа претставка е доставена и до вицепремиерот за корупција и очекуваме одговор што понатаму ќе се случи“, дополни Георгиев.
Б. Јордановска
камера: Дехран Муратов