„Чудна работа плукачи колку сакаш! А досега ниту еден патриотски новинар или тандем на новинари не ме покани да ме распарчи во јавна дебата. А со задоволство би прифатил и доктор на науки по историја. Па еве ви кукавици отворена понуда за дуел“, пишува на Фејсбук поранешниот премиер и лидер на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски, откако предизвика бурни политички реакции со неговиот предлог-акциски план кој пред два дена го предложи за надминување на спорот со Бугарија.
Георгиевски претходно преку социјалните мрежи истакна дека македонското-бугарските односи се движат кон нов ќорсокак и кон нова ескалација на сите нивоа. Тоа според него, може да доведе до долгогодишна омраза помеѓу двата народа и затоа даде предлог-акциски план како да се излезе од оваа ситуација.
Неговиот предлог е составен од пет точки во кој првата е Северна Македонија да даде гаранција дека нема никаква аспирација за Источна односно Пиринска Македонија и дека во поимот „Северна Македонија“ не влегува „Источна Македонија“. Следно, предлага, уште една гаранција од Северна Македонија, а тоа е дека како држава со ништо нема да ги помага и поддржува организациите кои бараат македонско малцинство во Бугарија.
Д.М.