Германија донираше медицинска опрема за Поликлиниката во Шуто Оризари
„Ова е една многу значајна донација. За сума од 16 илјади евра се набавува значајна опрема која ќе служи во Поликлиниката во Шуто Оризари и се зголемува пристапот и квалитетот на здравствена заштита на граѓаните, во делот на лична заштитна опрема, кислород, кислородни маски, се тоа што значи брз пристап до еден одреден дел од системот на здравствена заштита. Во оваа поликлиника имаат пристап граѓани од многу ранливи категории“, истакна Филипче.
Германската амбасадорка во земјава Анке Холштајн денес предаде донација вредна 16 илјади евра во Поликлиниката во Шуто Оризари. Станува збор за медицински материјал, кој е донација од Амбасадата на СР Германија преку Здружението на граѓани Центар за граѓанска иницијатива – Прилеп.
„Со овој проект со кој го поддржуваме Здравствениот дом во Шуто Оризари предаваме различна опрема во вредност од 16 илјади евра за заштита на пациентите и медицинскиот персонал. Оваа донација е по иницијатива на Сојузната Влада за време на германското претседателство во Советот на Европската Унија за помош на земјите од Западен Балкан за помош при пандемијата од ковид-19. Со оглед на состојбите, главен акцент на нашето претседателство беше справувањето со пандемијата и нејзините последици. Овде во регионот на Западен Балкан имаме партнери кои во борбата можат да се потпрат на нас. Особено ни е важно што преку овие проекти можеме да помогнеме на ранливите групи граѓани. Германија досега го поддржа регионот со 15 милиони евра. ЕУ има вложено 3 милијарди евра, во кои Германија учествува со скоро една третина“, кажа амбасадорката Холштајн.
Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека со оваа донација се набавува значајна опрема за оваа поликлиника и се зголемува и пристапот и квалитетот на здравствена заштита во смисла на заштитни маски и кислородни маски. Tој се заблагодари на амбасадорката Холштајн за поддршката и помошта која ја дава на здравствениот сектор од почетокот на ковид кризата и истакна дека се разговарало и за натамошно унапредување на здравствениот систем со помош на германската амбасада.
„Ова е една многу значајна донација. За сума од 16 илјади евра се набавува значајна опрема која ќе служи во Поликлиниката во Шуто Оризари и се зголемува пристапот и квалитетот на здравствена заштита на граѓаните, во делот на лична заштитна опрема, кислород, кислородни маски, се тоа што значи брз пристап до еден одреден дел од системот на здравствена заштита. Во оваа поликлиника имаат пристап граѓани од многу ранливи категории. Ние во изминатиот период многу интензивно работевме и после подолг временски период на криза со изнаоѓање на гинеколог. Во овој момент трае постапката за набавка на опрема којашто ќе биде опремена оваа ординација. Конечно ќе има на располагање гинеколог во оваа општина на голем број на жени на коишто им е потребна таква здравствена услуга“, потенцираше Филипче.
Во Поликлиниката формиран е Центар за брзи тестови за ковид-19 и во континуитет има дежурна екипа составен од лекар, медицинска сестра и лабораторија којашто на граѓаните од овој регион им е на располагање 24 часа во денот.
„Благодарение на Амбасадата на Кина во изминатиот период работевме и се заврши проектот за целосно реновирање на оваа Поликлиника и тоа ќе започне на почетокот на следната година. Уште еднаш голема благодарност на амбасадорката Холштајн за оваа континуирана поддршка на здравствениот сектор. Искрено се надевам дека таквата соработка и поддршка ќе продолжи и понатаму“, рече Филипче.
Извршниот директор на Центарот за граѓанска иницијатива, Гоце Тодороски истакна дека Германската амбасада во исклучително брзо време додели помош во справување со Ковид-19.
„Амбасадата на Сојузна Република Германија во изминатите 30 годиниго подржува македонското општество, што значи поддршка на демократијата во нашето општество, и триесет години работи во поддршка на ранливите категории, маргинализирани групи, Ромите и сето она што значи слаби точки во нашето општество. Токму денешната донација е показател на огромната поддршка од Германската амбасада“, потенцира Тодороски.
текст, камера и монтажа: Дехран Муратов
фотографија: Горан Наумовски