Германската влада официјално ја обвини Русија за обидот за напад со експлозивен дрон на аеродромот Лајпциг/Хале на 4 август, оценувајќи го инцидентот како дел од пошироките руски хибридни операции во Европа.
Министерот за внатрешни работи Александер Добринт и министерот за надворешни работи Јохан Вадефул соопштија дека германските безбедносни служби, во координација со европски партнери, дошле до заклучок дека постојат јасни индикации за руска вмешаност. Според Берлин, начинот на конструкција на дронот, употребениот експлозив и технологијата за активирање одговараат на модели забележани во други руски хибридни операции.
Дронот бил пронајден на 4 август во безбедносниот дел на аеродромот, во близина на украински товарни авиони. Германските власти го деактивирале експлозивот, а подоцнежната истрага открила индикации дека во операцијата можеби биле употребени повеќе беспилотни летала. Целта, според истрагата, најверојатно било украинско товарно летало кое се користи за транспорт на воена опрема.
Случајот предизвика сериозна загриженост во Германија, особено поради фактот што Лајпциг/Хале е важен логистички центар и има значајна улога во транспортот поврзан со поддршката за Украина. Уште веднаш по инцидентот, германските власти предупредија дека вооружен дрон во близина на аеродром претставува „нова квалитативна“ безбедносна закана.
Како одговор, германската влада најави серија мерки против Русија. Меѓу нив се затворањето на рускиот генерален конзулат во Бон од 18 септември, раскинувањето на договорот за закуп на Рускиот дом во Берлин, заострување на имиграциските контроли за руски државјани и дополнителен притисок врз руската таканаречена „флота во сенка“. Германија, исто така, ќе предложи нови руски лица за ставање на листата на санкции на ЕУ поради хибридни активности. Берлин истовремено најави дека ќе продолжи да соработува со партнерите во НАТО и ЕУ и да ја информира Алијансата за наодите од истрагата.
Москва ги отфрла германските обвинувања. Руската страна ги оцени како неосновани и политички мотивирани, а портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова најави одговор на германските мерки. Рускиот претседател Владимир Путин, исто така, ги отфрли доказите што ги презентира Берлин.
ЕУ засега официјално го има усвоено 21-от пакет санкции против Русија, на 23 јули 2026 година. Пакетот опфаќа енергетика, финансиски услуги, криптовалути, трговија и рускиот воено-индустриски комплекс, а вклучува 218 нови индивидуални санкционирани лица и субјекти.
Б. Ј.












