Според објавените резултати до 08:48 часот на 27 септември, со проектирани 196 места во Бундестагот (24,1% освоени гласови), германските Демохристијани (ЦДУ), по 16 години владеење на легендарната Mutti, канцеларката Ангела Меркел, сега се на второ место. Нив ги предводи Армин Лашет кој на самиот ден на гласањето беше предмет на потсмев и критика, откако го свитка ливчето обратно, така што можеше да се види за кого гласал (за себе).
На прво место, со мала разлика, односно со 206 места во Бундестагот (25,7% освоени гласови), веќе е донекаде извесно, изборна победна носат социјалдемократите (СПД), предводени од Олаф Шолц.
Зелените, предводени од Аналена Баербок, кои пет месеци пред изборите водеа на анкетите, се на третото место според освоените 118 места (14,8%).
На четврто место во Бундестагот, според проекциите, се наоѓаат Слободните демократи (ФДП) со 92 пратеник (11,5%). По нив се ултранационалистите на Алтернатива за Германија (АФД) кои освоија 83 места (10,3%) и германската Левица со 39 места (4,9%) во Бундестагот.
СПОРЕДБА СО РЕЗУЛТАТИТЕ ОД ИЗБОРИТЕ ВО 2017 ГОДИНА
Во однос на претходните парламентарни избори, ЦДУ бележи историски најнизок изборен резултат. На изборите во 2017 година, ЦДУ убедливо победи со 32,9% од гласовите и доби 245 места во Бундестагот. СПД тогаш доби 152 места и 20,5% од довербата на гласачите, што беше нивниот најлош изборен резултат од Втората светска војна наваму.
ФДП бележи раст во однос на изборите во 2017 година кога освои 80 места во парламентот и 10,7% од гласовите. АФД тогаш освои 85 места во парламентот и 12,6% од гласовите и стана трета политичка сила во Германија. Левицата беше застапена со 69 парламентарци, а доби 9,2% гласови. Зелените во претходниот состав на германскиот парламент имаа 67 пратеници, а освоија 8,9% од гласовите на изборите во 2017 година.
Како што може да се види, на овие избори радикалите, и левите и десните, бележат пад. Голем успех бележат Зелените.
БРЗ ПОГЛЕД ВРЗ ИСТОРИЈАТА
Разликата меѓу процентите на освоените гласови и бројот на пратенички места се должи на различниот обем на Бундестагот од избори до избори, соодветно на изборниот систем едноставно образложен на веб страницата на Бундестагот. Ова е 20-ти состав на Бундестагот по Втората светска војна и брои 730 пратенички и пратеници. Досегашниот состав брои 709 места.
Историски гледано, од 1949 година кога е формиран првиот повоен Бундестаг до 2017 година, ЦДУ е во владејачка коалиција во 13 мандати. СПД е дел од владејачката коалиција 10 пати. ЦДУ и СПД формираат коалициони влади во четири мандати и тоа по изборите во 1965, 2005, 2013 и 2017 година. ЦДУ ја води земјата без СПД во девет мандати. СПД владее без ЦДУ во шест мандати.
Без оглед на резултатот според кој СПД води со 11 пратеници, новиот лидер на ЦДУ, Армин Лашет, изјави дека партијата ќе даде сѐ од себе да ја води и идната влада на Германија. Во претстојниот период следи процес на меѓупартиски преговори за формирање парламентарно мнозинство и формирање на новата влада во Берлин. Тој процес може да трае од неколку недели до неколку месеци. До формирање на владата, со Германија останува да управува канцеларката Ангела Меркел.
Подготви: Џ. Д.