„Во 2018 година Македонија доживеа една битна и сериозна консолидација на меѓународен план на едно задоволително ниво. На потребно ниво ги уреди односите со своите соседи. На едно можно реалистично ниво и последното отворено прашање поврзано со правата на Албанците во Македонија. На тој начин клучните прашања што се витално значење за иднината на земјата и за нејзината геостратешка позиција и за нејзините односи со меѓународната заедница, се решија во еден политичнки спринт… Дали поради посветеноста на Владата кон овие прашања или поради други прични, на некои други планови се покажаа многу слабости во функционирањето на новата власт“, изјави уредникот Бранко Героски во разговор со ЦИВИЛ Медиа за Перспективи 2019.
Героски смета дека токму поради недоволната посветеност на власта кон други прашања, таа изгуби дел од поддржувачите што ги имаше како опозиција.
„Оваа власт практично се устоличи со една поширока граѓанска поддршка, не само политичка, туку и со поддршка на граѓанскиот сектор, многу интелектуалци, обични граѓани, на крајот со голем број гласови… Дојде до извесно разочарување, бидејќи очекувањата синтетизирани во зборот живот и во еден друг значаен збор реформи не се остварија. Ова двојство меѓу добрите резутати на еден план што ја стабилизираат земјата, но истовремено едно внатрешно опаѓање е резултатот со кој влегуваме во 2019 година. Поради тоа сметам дека резултатите на Владата за 2018 можат да се оценат како контроверзни“, изјави Героски.
Героски изјави дека сега власта има еден бришан простор да се посвети на евроагендата и ако е потребно на тој план да изврши и сериозни кадровски зајакнувања пред сè во јакнење на капацитетот на администрацијата.
„Од друга страна, Владата не треба да се дефокусира со блиц клик избори како што се навикнавме во оваа држава од 2006 година па наваму, што не е добро. Мислам дека влегувањето во едни брзи предвремени парламентарни избори би било непотребно и дефокусирање. Престојните редовни избори, пак, се инзворедна можност да се случи една друга работа. Прво, самиот СДСМ да го провери сопствениот идентитет и штетите евентуално што можеби се нанесени на тој кредибилитет. Второ, тие се инзворедна шанса за ВМРО-ДПМНЕ со добар кандидат со проевропска ориентација, со прозападна ориентација, со добра изборна агенда, но дефинитивно насочена во насоката во која е тргната оваа земја и самата партија да се врати во форма и да се консолидира. Јас во претседателските избори гледам одлична шанса за една добра политичка битка“, изјави Героски во контекст на престојните избори и колку тие можат да ја дефокусираат власта од другите проблеми со кои се соочува.
Ако продолжат внатрешните превирања или ако дојдеме во ситуација на насилни избори, Героски смета дека ќе биде лошо за човечкиот фактор во Македонија, која што сè уште губи млади луѓе и има недостаток од човечки ресурси.
„Македонија покажа дека е многу под влијание на марфиевите закони, ако нешто може да тргне на лошо, ќе тргне на лошо“, рече Героски надевајќи се дека тоа нема да биде перспективата на државата.
Текст и фотографија: Биљана Јордановска
Камера: Дехран Муратов