Водата не е само обичен природен ресурс, туку елементарна егзистенцијална потреба и фундаментално човеково право. Но, реалноста со која се соочува државата овие денови покажува дека ова основно право е сериозно загрозено од системот, политиката, неукоста и јавашлакот. Наместо гаранција за здравје и сигурност, водата од чешмите во повеќе од седум општини стана потенцијален извор на зараза, додека надлежните и политичките елити се занимаваат со сè, освен со суштинско решавање на проблемот и заштита на граѓаните.
Во моментов, јавноста сведочи на две паралелни и многу штетни појави кои ја замаглуваат вистинската слика за кризата. Првата е апсолутниот фокус на Гостивар. Овој град е претворен во главна, хиперболизирана тема која се перцепира и анализира речиси исклучиво низ политичка призма. Дополнително, иако не секогаш сосема очигледно, низ социјалните мрежи овој случај добива и контури на етничка тема, што уште повеќе го валка јавниот простор. Оваа наменска врева околу Гостивар има една многу опасна последица – туркањето на сите останати засегнати населени места во втор план. Проблемите во Крушево, Валандово, Пласница, Преглово, како и фрапантниот податок дека Специјализираната болница за белодробни заболувања во Лешок нема безбедна вода за пиење цела деценија, остануваат занемарени на маргините на јавниот интерес.
Втората појава е свесното избегнување на темата за безбедноста на водата за пиење како сеопфатна криза која се однесува на сите во земјата. Дискурсот е целосно киднапиран од константните барања за „одговорност“, но исклучиво во нејзината теснопартиска и дневнополитичка смисла. Политичките актери се натпреваруваат во меѓусебни обвинувања, додека граѓаните се оставени сами на себе, принудени да чекаат пред цистерни или да стравуваат секојпат кога ќе ја отворат славината во своите домови.
„ЦИВИЛ и организациската единица Зелен ЦИВИЛ упатуваат итен апел до сите државни институции, политички партии и локални власти веднаш да престанат со политичките препукувања и меѓусебните обвинувања во врска со актуелната криза со водата за пиење. Бараме вистинска, сеопфатна акција на национално ниво за заштита на јавното здравје и основните човекови права на граѓаните“, се вели во денешното соопштение на ЦИВИЛ, организација за човекови права.
Во целата оваа политичка какофонија, недостасува она најважното – суштинска мерка за заштита. Ниту една институција, ниту еден висок државен функционер не излезе со јасен став дека државата веднаш ќе направи итни и детални испитувања на целиот водоводен систем на национално ниво. Никој не говори за итно мапирање на ризиците и спроведување на конкретни мерки за заштита на изворите и мрежата.
ЦИВИЛ и Зелен ЦИВИЛ бараат:
- Итни испитувања на водата на национално ниво: Државата мора веднаш да иницира детални испитувања на целиот водоводен систем ширум земјата за да се мапираат ризиците и да се гарантира безбедноста на водата.
- Конкретни мерки за заштита: Властите мора веднаш да спроведат суштински мерки за заштита на изворите и мрежата, префрлајќи го фокусот од ад-хок реакции на системски, долгорочни решенија.
- Деполитизација на кризата: Сите политички актери мора да престанат да ја користат оваа криза за партиски цели и наместо тоа, да се обединат во заштитата на здравјето и безбедноста на сите граѓани.
- Искористување на фондовите на ЕУ: Државата мора проактивно да бара и да ги искористи достапните фондови од Европската Унија за сериозни инфраструктурни проекти со кои трајно ќе се решат слабостите во водоснабдувањето.
Наместо да се троши енергија на празни политички битки, државата има обврска да иницира сериозни инфраструктурни зафати за кои многу лесно можат да се обезбедат и повлечат пари од фондовите на ЕУ. Безбедноста на водата за пиење мора да биде третирана како врвен национален и безбедносен приоритет, затоа што здравјето на граѓаните не смее да биде оставено на милост и немилост на политичкиот јавашлук.
Б. Јордановска
ЦИВИЛ бара деполитизација на кризата со водата и обединување во заштитата на здравјето












