Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека е постигнат договор кој предвидува разоружување на Хамас и повлекување на израелските сили од Појасот Газа, но изјавите на претставници од двете страни покажуваат дека клучните прашања околу неговото спроведување сè уште не се решени, пренесува Гардијан.
Во објава на социјалните мрежи, Трамп оцени дека договорот претставува „критичен чекор“ кон воспоставување нова палестинска технократска власт во Газа, која ќе работи со меѓународните партнери за обнова на територијата, додека Израел ќе ги добие, како што наведе, безбедносните гаранции што ги бара.
Планот, предложен од САД, предвидува Хамас да го предаде оружјето, да ја демонтира својата мрежа на тунели, израелските сили постепено да се повлечат од Газа, да биде формирана нова палестинска администрација, да се распореди меѓународна стабилизациска мисија и да започне обновата на енклавата по повеќе од две години војна.
Сепак, веднаш се појавија разлики околу редоследот на исполнување на обврските. Хамас инсистира дека нема да започне процес на разоружување пред целосното повлекување на израелските сили од Газа. Од израелска страна, официјален претставник изјавил дека предложениот план не ги исполнува безбедносните барања на Израел. Според него, Израел бара целосно разоружување на Хамас и целосна демилитаризација на Газа како предуслов за каков било понатамошен процес.
Американски претставници признаваат дека Израел останува скептичен дали Хамас навистина ќе се разоружа, додека Трамп, според нив, би бил „многу разочаран“ доколку договорот не биде почитуван.
Во меѓувреме, Хамас соопшти дека ја распуштил својата администрација во Газа и е подготвен да ја пренесе власта на технички комитет поддржан од Обединетите нации, како дел од договорот.
Според американски и меѓународни претставници, процесот на разоружување на Хамас и другите вооружени палестински групи би можел да трае меѓу 200 и 350 дена, додека дополнителните разговори со посредство на Египет, Катар и Турција се очекуваат во наредните денови.
И покрај најавениот договор, состојбата на терен останува нестабилна. Според локални медицински извори, во израелски напади во четвртокот загинале најмалку шест Палестинци, меѓу кои и две деца. Во исто време, израелската армија продолжува да ги проширува операциите во Газа, а премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел има намера да контролира околу 70 проценти од територијата.
Засега останува неизвесно кога и под кои услови би започнало повлекувањето на израелските сили и распоредувањето на планираните меѓународни стабилизациски сили.
Извор: Гардијан
Подготви: Б. Ј.












