Реформите во безбедносниот и разузнавачкиот сектор се далеку од завршени. Процесот за интеграција во ЕУ, што сега добива моментум по отворањето на преговорите и носи дополнителни барања што се поврзани со заштитата на човекови права и основни слободи, треба да се искористи со цел да се движат реформите, бидејќи на овој начин ќе се овозможи добро владеење и јавна доверба во институциите во овој многу чувствителен сектор, како и во други сектори, изјави евроамбасадорот Дејвид Гир на годишната конференција во рамки на „Програмата за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Република Северна Македонија (2021-2026)“ во организација на женевскиот Центар за управување со безбедносниот сектор (ДЦАФ), што се одржува денеска во Скопје.
-Дополнителни напори и волја се потребни од страна на Владата, Парламентот и политичките партии и другите чинители, не само поради процесот за преговарање со ЕУ, туку пред се заради интересите на граѓаните, нагласи Гир.
Тој истакна дека надзорот и контролата на безбедносните и разузнавачките служби и нивната реформа е комплексна работа, меѓутоа е многу важен процес.
Парламентот претставуваше посветен партнер во овој процес. Ние очекуваме постоечкото законодавство за следење да биде променето, со цел комисиите за надзор во Парламентот да функционираат подобро и Советот за граѓански надзор да биде целосно функционален. Создавањето „заштитена соба“ треба да се случи без понатамошно одложување, нагласи Гир.
Според него, безбедносните и разузнавачките служби укажале отвореност и волја да соработуваат со собраниската Комисија за надзор, како и граѓанското општество и ова, според него, е значаен чекор напред што бара поголема транспарентност и одговорност и со тоа ќе се зголеми јавната доверба во институциите.
– Министерството за внатрешни работи, исто така, е посветено кон реформите, меѓутоа треба да продолжи да го хармонизира своето законодавство со начелата и стандардите на ЕУ во однос на отчетноста, транспарентноста и безбедноста. Добар процес почна во Министерството за одбрана повторно со поддршка на оваа програма. Имено, Министерството работи за подобрување на родовата еднаквост во Министерството и Армијата. Се надеваме дека другите безбедносни институции во земјата ќе ја следат оваа практика, бидејќи родовата еднаквост е клучен меѓународен принцип и ЕУ е посветена на елиминирање на родовата нееднаквост, со цел да се подобри ефикасноста, посочи Гир.
Во однос на правосудството, додаде Гир, ние сме охрабрени дека Академијата за судии и јавни обвинители обезбедува обуки за користење на посебни истражни мерки.
– Ефективноста на правосудната контрола и одговорноста на разузнавачките и безбедносните служби, зависи од независни актери коишто го вклучуваат граѓанското општество, медиумите и академската заедница. Овој неформален вид на надзор е од клучно значење во демократското општество. Како заклучок, реформата на безбедносниот и разузнавачкиот сектор треба да се одвива понатаму. Потребна е посветеност и работа од страна на политичкото лидерство и другите чинители со постојаната поддршка од оваа програма, заклучи евроамбасадорот на Конференцијата.