Кампањата „Гледај со срцето, прифати ја различноста” на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, започнува денеска, со настанот „Вечер на таленти“, со почеток во 19:00 часот во Јавна соба (Public Room).
На настанот ќе биде промотивно претставено видеото, работено според сценарио на две студентки од Институтот по дефектологија при Филозофскиот факултет во Скопје, Марија Михајловска и Ангела Николовска.
За настанот, Јована Јовановска од Хелсиншкиот комитет, за ЦИВИЛ Медиа изјави: „Целта на кампањата е да се охрабрат и потенцираат талентот и потенцијалот што го имаат младите со попречености. Идејата е на двете студентки, кои Хелсиншки ги поддржа во испраќање на пораката: ‘Ние ја прифативме различноста, прифатија и ти!’. Видеото ги прикажува талентите и можностите на неколку студенти со различни попречености, преку нивното активно учество во спортскиот, општествениот и културниот живот“.
Како дел од проектот, како што изјави Јовановска, се подготвуваат и две анализи за состојбата, проблемите и предизвиците со кои се соочуваат лицата со попречености.
Покрај промоцијата на видеото, во вториот дел од настанот, учество ќе земат неколку исклучителни млади луѓе со физичка и интелектуална попреченост, кои за присутните ќе читаат поезија, ќе изработуваат накит, ќе сликаат и ќе имаат музички перформанс.
Настанот е во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права, во рамки на проектот „Поддршка од граѓанското општество кон политиките за социјална кохезија и различностите”, поддржан од Британската амбасада во Македонија.
М. Т.