Глобалниот мир падна на најниско ниво во последните 14 години, под притисок на рускиот напад врз Украина и зголемените цени на храната и енергијата, покажа Глобалниот индекс на мирот за 2022 година објавен денеска, пренесува МИА.
Глобалниот индекс на мирот (GPI) ја следи состојбата во 163 земји, кои сочинуваат 99,7 отсто од светското население, а од 2008 година, врз основа на собраните податоци, го анализира степенот на насилство или страв од насилство во светот, пренесе порталот Еурактив.
Иако за последниот годишен извештај се користени податоци собрани до крајот на март, тој веќе го покажува големото влијание на рускиот напад врз Украина врз чувството на безбедност кај луѓето, особено во комбинација со други ризици.
– Најголемата причина за загриженост беше всушност здравјето, не сметајќи го ковидот, проследено со криминал, инфраструктура, економија и финансиски тешкотии, така што ни просечниот Украинец во 2021 година не помислуваше на војна, изјави Стив Килелеа, основач на Институтот за економија и мир (ИЕП) во Сиднеј, кој го изготвува извештајот.
Додека нивото на мир се зголеми во 22 европски земји од минатогодишниот извештај, тој падна во 12 европски земји, главно во источниот дел на континентот, поради влошените односи со соседните земји, што се однесува и на Шведска, Литванија и Србија, рече Килела.
Според наодите во студијата, најголем пад на нивото на мирот е забележан во Естонија, поради тензиите меѓу Украина и Русија, кои во февруари ескалираа во војна.
Сепак, во Европа нивото на мир е зголемено во повеќето земји, а во Европа се и четирите земји кои во оваа смисла водат во овогодишниот глобален индекс – Исланд, Ирска, Данска и Австрија. Република Северна Македонија е на 36 место.
Исланд се смета за најмирна земја од почетокот на студијата во 2008 година, а меѓу првите десет се и Португалија, Словенија и Чешка.
Тоа, сепак, може да се промени во глобалниот индекс за следната година, смета Килелеа.
– Пресвртница за бројни показатели беше 31 март, така што следната година очекуваме значително влошување (во мирољубивоста) во голем број земји, прецизира Килелеа.
Тој смета дека тоа ќе се случи и затоа што земјите поради војната во Украина би можеле да ги зголемат средствата за армијата, што е и еден од показателите што ГПИ ги зема предвид.
– Обврзувањето на земјите од НАТО во Европа да ги зголемат воените трошоци на два отсто од БДП, исто така, ќе влијае на мирот, рече Килелеа.
За потребите на студијата, авторите зеле предвид 23 индикатори, вклучувајќи жртви на меѓународни или внатрешни конфликти, политичка нестабилност и воен буџет изразен како процент од БДП. Секој од овие индикатори е оценет од еден до пет, давајќи кумулативен резултат за секоја земја. Според методологијата на ГПИ, колку е помал резултатот, толку повеќе има мир во земјата.
Сепак, Килелеа очекува големо назадување во глобалниот индекс на мирот следната година поради нарушувања во глобалните синџири на снабдување, зголемените цени на храната и горивата и високата инфлација.
– Војната во Украина сега драматично забрза некои од постоечките проблеми што започнаа со пандемијата на Ковид-19, објасни Килелеа.