Политичките партии имаат рок најдоцна до утре да поднесат барање за запишување, дополнување или бришење на податоци од Избирачкиот список.
Сите изводи каде се извршени промени во Избирачкиот список, Државната изборна комисија ги заклучува до 24 септември, а до 29 септември треба до го потпише Избирачкиот список и изводите од него.
Во меѓувреме, проблемот со Избирачкиот список останува во сенка, а во споредба со минатогодишните избори, дури и со одобрување се прифаќа моменталната состојба!
Нормално, Државната изборна комисија податоците од гласачкото тело ги добива од Министерството за внатрешни работи, дополнителното ажурирање беше со јавен увид на гласачите, електронски или во објектите на Општинските изборни комисии, а на ред се политичките партии да се изјаснат за коректноста на Избирачкиот список.
На адресата на ЦИВИЛ – Центар за слобода, пријавите за неусогласеноста на Избирачкиот список и повторувањето на истите проблеми, стигнуваат во континуитет. Хаосот продолжува…
Љ.С. од Општина Аеродром поднела барање до МВР и до ДИК, за бришење на податоци од Избирачкиот список на цело семејство, претходни сопственици на станот во кој живее, што и по две години се наоѓаат на Избирачкиот список во истото гласачко место и на истата адреса.
Одговорот од ДИК, легитимен според член 43 од Избирачкиот законик, е дека надлежностите на бришење на податоците од лицата што сѐ уште се водат на нејзина адреса се на МВР.
Овој случај, за кој постои можност, граѓанката само институционално да се „прошета“, а воопшто да не се реши, посочува на член 41, став 5 од Изборниот законик, кој остава простор за провлекување на фантомските гласачи и на локалните избори.
И покрај тоа што во посочениот случај не се работи за иселени лица надвор од земјата, остава простор да се повторат случаите со двојни лични карти!
МВР допрва треба да одговори на посоченото барање, но според законските норми, и оттаму одговорот може да биде легитимен.
С. С. од Општина Аеродром од чиј стан „фантомот“, конечно бил „иселен“ за време на парламентарните избори во декември минатата година, со увид во Избирачкиот список, увидел дека истото лице е повторно вратено на неговата адреса, а потоа, му стигнала од УЈП и сметка за радиодифузна такса за истото лице за месец јули?! Од ДИК, телефонски му одговориле на граѓанинот дека проблемот мора да се решава само со МВР, односно да се пронајде кој во МВР на тоа лице повторно му издал документи (лична карта или пасош) на адреса на која не живее, и за тоа да одговара!
Се поставува прашањето, доколку ДИК и МВР не успеат да одговорат на пријавите од граѓанките и граѓаните, а политичките партии, како што е редот, го прифатат Избирачкиот список како коректен, сѐ додека нивното членство е на број, кој ќе одговара, доколку на 15 октомври, локалните избори се прогласат за нефер и недемократски?
Биљана Јордановска