На социјалните мрежи се појави експлицитен говор на омраза насочен кон кандидатката за советничка во Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Луна Стефаноска.
„Се мислев дали да гласам за ВМРО, али сега дефинитивно ќе гласам! Листа на кандидати за советници на ВМРО-ДПМНЕ за Советот на Град Скопје. Место бр. 38. Луна Стефановска, македонска инфлуенсерка. Како да не ја гласаме и не ја поддржиме?“, пишува извесен профил Робусна акција на Х.
Коментарите се многу сексистички и мизогени. Ќе објавиме само дел:
„Мислев на ХHAMSTER ми е позната…“
„Софт порн“.
„Значи бе вработувајте се што е***е“
Истиот профил објави фотографија на Луна Стефаноска и кандидатот за градоначалник на општина Карпош на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, кој на маица има фотошопиран натпис: „Не сум гиниколог, ама можам да погледнам“.
Робусна акција коментира: Сотир знае како.
Оригиналната фотографија е оваа.
Кандидатката за советничка Стефаноска се јави на социјалните мрежи и побара од граѓанските здруженија да го осудат нападот кон нејзе, притоа нагласи дека нејзината физичка убавина не треба да е пресудна за тоа дали треба да се вклуи во политичките води, и дека има просек 9.8 на правен факултет.
На ова реагира ВМРО-ДПМНЕ, најостро осудувајќи ги навредите и дискриминацијата, потенцирајќи дека ваквите напади претставуваат закана за достоинството и слободата на изразување на жените во политиката. Партијата ги повика граѓаните, организациите за женски права и сите политички чинители да заземат јасен став и јавно да го осудат говорот на омраза.
ЦИВИЛ најостро го осудува говорот на омраза, дискредитациите и сексистичките напади насочени кон кандидатката за советник Луна Стефаноска, но и кон сите жени кои се активни во политичкиот и јавниот живот.
Овие напади не се само лични навреди, туку директен удар врз демократските вредности, родовата еднаквост и учеството на жените во креирањето на политиките.
Сексистичките коментари, омаловажувањето и навредите врз основа на пол се неприфатливи и претставуваат форма на насилство што има за цел да ја обесхрабри женската политичка и општествена активност. Наместо тоа, сите институции, партии и граѓани треба да се заложат за поголема поддршка и заштита на жените во јавната сфера.
Дехран Муратов во соработка со ТИМОТ НА ЦИВИЛ ЗА МОНИТОРИНГ НА ХИБРИДНИ ЗАКАНИ (ЦХТМ)