За време на изборниот молк, на социјалните мрежи се бележат случаи на говор на омразата насочен кон одредени политички ентитети. Анализата на ЦИВИЛ покажува дека се работи за поддржувачи и членови на одредени политички партии кои организирано објавуваат пораки и коментари со говор на омразата против политичките неистомисленици. Дел од пораките на социјалните мрежи содржат и повици на насилство.
Мониторингот бележи и еден случај на порака со вулгарни навреди и говор на омразата против претставник на ЦИВИЛ, во објава на Фејсбук страница која е позната како креатор на дезинформации и говор на омразата.
Но нападите од оваа Фејсбук страница врз ЦИВИЛ не престанаа таму.
Во подолга објава на една Фејсбук страница, позната по говорот на омразата и дезинформациите и која отворено води црна кампања во корист на одредена политичка партија, се изнесуваат ноторни невистини, манипулации, навредлив говор на етничка основа, говор на омраза против претставниците на организацијата и закани против нејзините набљудувачи.
Целта на овој крајно нечовечен атак врз една граѓанска организација за човекови права е да се изврши притисок врз организацијата и нејзините членови и да се попречи нејзината работа, како и да се нанесе штета врз угледот и довербата која организацијата ја ужива во јавноста во земјава и во светот.