Според основната дефиниција, говор на омраза претставува термин кој означува говор чија намера е да деградира, вознемири, или предизвика насилство или активности врз основа на предрасуди против лица или групи луѓе врз основа на нивната раса, род, возраст, етничка припадност, националност, религија, сексуална ориентација, родов идентитет, хендикеп, јазична способност, морални или политички ставови, социо-економска класа, занимање или изглед (како висина, тежина и боја на коса), ментален капацитет и било која друга особина.
Кај нас праксата на користење на говор на омраза останува секогаш актуелна. Во најсвежиот случај, со апсењето на Бојан Јовановски, познат како Боки 13, на социјалните мрежи беа упатени коментари навредливи за ЛГБТИ заедницата, судејќи по неговиот физички изглед, односно неговата облека низ текот на години. Полесно не „помина“ ниту специјалната обвинителка Катица Јанева која даде отказ од СЈО.
Во „бомбата“ која се појави во јавноста каде се слуша гласот на генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски и Николче Тасески, претседател на македонските провајдери на контролата на летање М-НАВ, како Италјанците ги нерекува „Цигани“.
Во однос на тоа и другите разговори кои се слушаат во „бомбите“, генералниот секретар пред јавноста се извини „до небо“, а премиерот Зоран Заев го одбрани Рашковски и рече дека не гледа ароганција во човек кој се извинил. Исто така не гледаат говор на омраза ниту ромските пратеници во Собранието, Самка Ибраимоски и Амди Бајрам. Но, за чудо пратеникот Ибраимовски се навредил од Фејбук статусот на Миленко Неделковски каде што го нарече „Циган“ и најави тужба, со образложение дека „никој повеќе не смее да ги навредува и понижува Ромите“.
На мета на говор на омраза се најде и пејачката Тамара Тодевска. Кога Тамара беше избрана да настапува на овогодинешната Евровизија со својата песна „Горда“, добиваше погрдни коментари и многу граѓан(к)и насловот го поврзаа наводно со новото името на државата – Северна Македонија.
Тодевска била поканета од страна на Амбасадата на САД во Скопје, да ја испее химната на Северна Македонија, по повод одбележување на 4 јули – Денот на независноста на САД, и во текот на нејзиниот настап, таа испушти еден дел од македонска химна каде се спомнуваат Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев и Јане Сандански. Проблемот во овој случај не е дали пејачката намерно или ненамерно ја направила таа „грешка“.
По скандалот, Тамара на социјалните мрежи напиша дека станува збор за огромна грешка, дека се извинува, како што им стана навика на сите јавни личности кај нас и дека бара да и простат сите навредени. Под постот на Тамара, можеа да се забележат илјадници коментари со говор на омраза, линчување, дури некои од нив и повикуваа на насилство.
Најголем впечаток оставаат коментарите со говор на омраза на родова основа. Чест збор кој луѓето го пишуваа за неа беше „ку**а“, а понекогаш се наоѓаше и некој кој ќе објави нејзини постари фотографии, каде таа позирала разголена и некако магично сето тоа го поврзуваа со фактот што таа утнала една строфа од македонската химна.
„Cите дечковци на Тамара, оние за една вечер и за еден саат и за ова она не ги броевме и сите од вц исто не се броени“ е насловот на еден новинарски текст, каде на еден од онлајн медиумите во Македонија им дошло како идеја да го направат тоа истражување по утката на Тамара.
Каква врска има тоа што Тамара не ја испеала химната правилно со тоа колку момчиња имала во минатото и што таа правела? Песната со која Тамара настапи на Евровизија зборуваше токму за овој проблем и со какви недолични коментари знаат да се соочуваат девојките и жените.
„Сексизам или полова дискриминација е предрасуда или дискриминација врз основа на полот на една личност. Сексистички ставови можат да потекнуваат од традиционалните стереотипи за половите улоги, и можат да вклучуваат верувањето дека лице од еден пол е суштински супериорно на лице од другиот пол. Кандидатот за вработување може да се соочи со дискриминаторски платеници, или (ако вработен) да добива нееднаков надомест или третман во споредба со оној на неговите врсници од спротивниот пол. Екстремниот сексизам може да поттикне сексуално малтретирање, силување и други форми на сексуално насилство. Поимот сексизам обично се поврзува со негативните настроенија кон жената кои произлегуваат од верувањето дека жените се помалку вредни или помалку способни од мажите. Низ историјата, жените биле угнетувани од мажите, често игнорирани и во областите како академија“.
На социјалната мрежа Фејсбук се најде и една група со име “Бојкот за Тамара Тодевска“ каде сè уште граѓан(к)и објавуваат фотографии и пишуваат погрдни зборови за пејачката.
Следно на мета за Тамара беше и нејзиниот настап со евровиската песна на првата „Парада на гордоста“ во Скопје. Говор на омраза имаше и во првата најава за самата парада, коментарите на онлајн медиумите беа преполнети со омраза и повици за насилство.
Македонија е последната земја од регионот каде се одржа „Парада на гордоста“, заедно со Босна и Херцеговина. Нашите соседи веќе десетина години наназад одржуваат такви паради.
Првата парада во Скопје имаше голем број на поддржувачи и посетители и за среќа, покрај сè, заврши без инциденти.
Ангела Петровска