ЦИВИЛ – Центар за слобода секојдневно продолжува да добива голем број на пријави за неправилности во Избирачкиот список. Граѓан(к)ите се загрижени сé повеќе со секој изминат ден, поради сé пократкото време кое преостанува до 5-ти јуни, како датум кој е предвиден за да се одржат предвремените парламентарни избори.Голем дел од нив се сомневаат дека времето е доволно за да се пречисти Избирачкиот список.
“Неколку пати се проверив во Избирачкиот список и заклучокот е дека и покрај тоа што по матичен број сум регистрирана, на адресата на која што живеам, ме нема.”, објаснува во телефонски разговор за ЦИВИЛ, скопјанка која е загрижена дека можеби ќе се соочи со проблем на денот на гласањето.
“На ул. ’Крсте Мисирков’ бр. 111, пријавени се шест лица, а реално живеат четворица. Покрај моето семејство на оваа адреса се водат и лицата Г.А. и Г.Г. “, стои во пријавата која пристигна на адресата на ЦИВИЛ, со надеж дека овој пропуст ќе се поправи до изборите,
“Лицата Ј.Т., Б.С., А.Л., не живеат на ул. ’Трст’ во Куманово, никогаш не живееле. Додека пак лицето А.С. повеќе од 20 години живее во Србија.”, се вели во една од последните пријави кои ги доби ЦИВИЛ.
ЦИВИЛ ги повикува сите граѓан(к)и, да продолжат да ги пријавуваат неправилностите кои ги среќаваат во списокот на гласачи.
Пријавите за фантомски гласачи, како и за други проблеми и нерегуларности, може да се испраќаат на [email protected] или на телефоните 02/520 9176 или 075/565 830.
ЦИВИЛ го набљудува изборниот процес преку своите проекти „Напред!“, „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“ и “Граѓански објектив“.
Марија Теговска