Долг од 1,5 милиони евра Град Скопје ќе им исплати на приватните превозници, откако за тоа се договориле градоначалничката Данела Арсовска и приватните превозниците кои до неодамна беа дел од јавниот превоз во главниот град. Освен тоа, паднал договор и Градот да отвори јавен повик за сите превозници.
Приватните превозници во ноември 2022 година престанаа да бидат дел од градскиот јавен превоз поради долгови што бараа да им бидат исплатени од Град Скопје. Кон крајот на ноември и почетокот на декември со повеќе од 300 автобуси паркирани на клучните крстосници го блокираа Скопје.
Во меѓувреме градските власти ги отфрлаа наводите дека им должат пари, но инспекцискиот надзор покажа дека Град Скопје не е во право.