Во текот на неделата, од понеделник до четврток се поставуваат актуелни прашања на кои има голем број одговори во коментарите, најчесто по неколку десетици, но бројот на коментари некогаш се мери во стотици, а во неколку прилики беше околу илјада само за еден ден.
Критиката е важна. Но уште посилни се конкретните прашања. Тие не може да се игнорираат. Прашањата бараат одговор и отвораат врата за позитивни промени.
На пример, прашања како овие:
- Кога институциите конечно ќе почнат да работат подеднакво за сите, а не само за партиски послушници?
- Што конкретно правите за да се намали корупцијата и дали некој навистина одговара за злоупотреба на јавни средства?
- Зошто младите масовно ја напуштаат земјата и што правите за да им дадете причина да останат?
- Како планирате да ја подобрите здравствената заштита и условите во болниците?
- Кога ќе има вистинска транспарентност во трошењето на јавните пари?
- Што правите за да се намали политичкото влијание врз судството и обвинителството?
- Како ќе обезбедите медиумите да работат слободно, без политички и економски притисоци?
- Што конкретно правите за да се подобри квалитетот на образованието?
- Кога граѓаните конечно ќе почувствуваат дека државата работи во нивен интерес?
- Дали граѓаните постојат само пред избори?
Овие прашања се само пример, сигурно има и други релевантни прашања што може да се постават. Тоа е повик до властите – без оглед на тоа која партија е на власт. И секое време е вистинското да се постават.
Затоа, коментирајте, прашувајте, посочете. Дајте пример, споделете искуство. Побарајте одговор. Ние сме тука – заедно со вас.
ЦИВИЛ











































