Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска на панел-диксусијата „Хакирање на родовиот јаз“, која синоќа се одржа во рамки на Глобалната конференција за градење сајбер-капацитети во Акра, Гана, рече дека жените претставуваат половина од корисниците на технологија, но сочинуваат само 25 проценти од глобалната работна сила за сајбер безбедност.
-Овој диспаритет не е само прашање на еднаквост, туку и прашање на ограничени размислувања и пристапи. Со оглед на тоа што заканите за сајбер безбедноста стануваат посложени, тимовите треба да вклучуваат различни перспективи за предвидување и ублажување на предизвиците, истакна Грковска.
Како што соопшти прес-службата на Владата, Грковска нагласи дека со успешни сеопфатни политики за искоренување на дискриминацијата на жените во општеството, постепено се подобрува нивната застапеност во сите сфери на работа и одлучување, вклучително и во сајбер-професиите. Таа се осврна на законските и институционалните промени во Северна Македониија, кои се преземаат во насока на унапредување на родовата еднаквост и вклучување на родово одговорни политики за планирање и буџетирање.
Истакнувајќи дека недоволната застапеност на жените ги зацврстува стереотипите и може да ги обесхрабри жените кои сакаат да градат професионална кариера во сајбер-безбедноста, вицепремиерката Грковска на панелот се осврна на конкретните владини мерки за активно вработување, специфично дизајнирани за вклучување на пазарот на труд на жени и припадници на ранливите групи во општеството, во кои спаѓаат и обуки за напредни ИТ-вештини.
-Во однос на сајбер-безбедноста, Грковска истакна дека „Северна Македонија спроведува програма поддржана од УСАИД за дизајнирање сајбер-патеки за млади девојки и жени, заради поразновиден развој на сајбер работната сила во земјата. Оваа специфична програма вклучува менторство, соработка со образовниот сектор и академијата, со цел да се поттикне родово сензитивен пристап кон развојот на наставните планови и да се поддржи наставниот кадар со ресурси и знаење за сајбер безбедноста“, истакна вицепремиерката Грковска, соопштува прес-службата на Владата.
Фото: Влада на Република Северна Македонија