ВЕСТ НА ДЕНОТ
Груби – Гир: Нема простор за евроскептицизам, нема друга алтернатива освен европската интеграција
Безрезервната поддршка што Европската Унија и ја дава на Северна Македонија во процесите на развој и интеграција, посветеноста на Владата за понатамошното унапредување на реформските процеси, политиките на дијалог и стратешките цели на државата, биле дел од разговорот за време на средбата на првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби со евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир.
На средбата, како што соопшти Кабинетот на Груби, разговарале и за прославата по повод 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор и за пописот на населението. При тоа, Гир од своја страна, а во име на Европската Унија го потврди учеството на одбележувањето на 20-годишнината од Охридскиот договор.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Почитувањето на стратегијата „Едно општество за сите“, почнува од општината, кога граѓаните ќе видат дека во општината нема поделба на партиска, религиска или етничка припадност, тогаш во самото општество почнува фузијата на граѓаните.
За европските вредности, мултикултурализмот, Стратегијата „Едно општество за сите“ хибридните закани и сајбер нападите на локално ниво, ЦИВИЛ Медиа разговараше со Сашко Николов, градоначалникот на Општина Штип. Интервјуто е дел од проектот на ЦИВИЛ „Европски перспективи (следно ниво). ЦИВИЛ разговараше и со Националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски, за Стратегијата „Едно општество за сите“ кој истакнал дека „Обврска на секој политичар е да ја разбере и да ја имплементира Стратегијата „Едно општество за сите“.
ФЛЕШ ВЕСТИ
27 АПРИЛ Во завршните зборови за случајот организатори на 27-ми април, обвинетиот Спиро Ристоски истакна дека ја демонтирале невистината на обвинителството и од почетокот тој ја говорел вистината. Ристоски посочи дека 2 ипол години бил во притвор за дејствија кои во завршните зборови обвинителството со измената на обвинителниот акт потврдило дека тој не ги сторил.
КУЛТУРА Република Северна Македонија и Албанија ќе изработат заеднички стратегиски план со дефинирани цели, заеднички иницијативи и проекти за заштита на Охридскиот Регион како исклучителна вредност. Планот ќе вклучува и корективни мерки, со временска рамка, а во периодот што следува ќе биде посветено поголемо внимание на прецизна координација во контекст на заедничкото управување на Охридскиот Регион во согласност со насоките од последниот извештај на Реактивната мисија на УНЕСКО.
ИНКЛУЗИЈА Директорот на Центарот за култура ,,Ацо Шопов”, Горан Трајков, за ЦИВИЛ Медиа истакна дека Народниот театар во Штип е првата установа од овој тип во земјава која ја прилагоди својата сала за лица со физички хендикеп, кои се движат со помош на помагала. Исто така додаде дека и за лицата со оштетен слух е поставено ново озвучување и се анагжирани лица, односно тон мајстори, со цел да оди титлување во живо, со опис на звуци, за да и тие можат да ги следат настаните.
ПРАВДА Главната расправа за случајот „Титаник“ која беше закажана за утре се одлага за 24 август, а утре ќе се одржи расправа со завршни зборови за предметот „Тендери“, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.
ВАКЦИНАЦИЈА Од денеска започна вакцинација без закажан термин во здравствените домови низ државата. Истовремено се вакцинираат и оние со закажан термин.
ИЗБОРИ ВО БУГАРИЈА Предвремените парламентарни избори што се одржаа во Бугарија вчера донесоа нова политичка неизвесност околу тоа кој ќе ја формира идната влада. Од затворањето на избирачките места вчера вечер, до денес наутро се води тесна битка за првото место според бројот на освоени гласови меѓу партијата ГЕРБ на Бојко Борисов и Има таков народ на Слави Трифонов. На обработени 95,22 отсто од гласачките ливчиња, партијата ГЕРБ води со 23,91 отсто освоени гласови пред партијата на Трифонов која освоила 23,66 отсто од гласовите, соопшти бугарската Централна изборна комисија, пренесува БТВ Новините.
СПОР Во Бугарија завршија вонредните парламентарни избори. Македонската страна очекува да се формира функционален парламент и политичка влада за да продолжат разговорите за отстранување на ветото за почеток на преговорите со ЕУ, додека бугарскиот претседател Румен Радев вчера порача дека резултатот од изборите нема да го смени односот на Бугарија и дека раководството во Северна Македонија мора само да ја отстрани блокадата.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Многу пати видовме како им го прават ќефот – и странците и домашните политичари. Постојано им се дава нова шанса. Секогаш кога нешто ќе упропастат, дури и човечки животи ќе се изгубат поради нивните криминали, ги викаат на “преговарачка” маса. А тие, откако ќе потпишат што и да им се стави пред носот, само за да се спасат, веднаш потоа го нарекуваат тој документ “тоалетна хартија”. Така беше и со преговорите по Црниот понеделник, по Пржинскиот договор, по Крвавиот четврток, со блокадите и преговорите за Законот за Јавно обвинителство и во десетици други прилики и неприлики кога покажале само недоследност и плукнале на сопствениот збор и потпис…
Па до кога ќе ја гледаме истата претстава?“, пишува Џабир Дерала во својот рафал насловен „Остатоци покрај шините“.
Д. Муратов












