Институтот за духовно и културно наследство на Албанците и Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците одржаа трибина „Скопје на новите албански адреси, одраз на духот на Охридскиот договор “, како дел од програмата за одбележување на 20-годишнината на Охридскиот рамковен договор. Артан Груби, прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, истакна дека именувањето на неколку улици е еден сензитивен успех како и многуте други успеси што го носат печатот на Охридскиот договор. Тој побара од Институтот, Охридскиот договор да се третира како културно богатство и да се направи детална научна студија, со споредување на тоа каде сме биле и каде сме денеска.
На денешната трибина, Груби оцени дека недостасуваат денови за да се остварат сите активности до последното заокружување на настаните на 13 август оваа година, кога ќе се одржи академија со присуство на нашите меѓународни пријатели како Лорд Џорџ Робертсон, Хавиер Солана, Пол Вилијамс.
„Како и по 20 години, на нашата јавност ќе ѝ го претставиме авторот на Охридскиот рамковен договор, кој е еден наш одличен пријател од САД, како и многу наши пријатели од ЕУ, САД, ОБСЕ. Дваесет години не се далеку. Застанете и само споредете, како бевте вие заедно со нас пред 20 години и како сме денеска. Во Влада, Собрание зборуваме албански. Недалеку од вчера на одбележувањето на Илинден одекна албанското оро и песна на сред Крушево и немаше двоумење од ниту еден учесник за такво достоинствено претставување на албанската култура”, подвлече Груби.
Директорот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците – Скопје, Скендер Асани, рече дека именувањето на повеќе од 150 улици, плоштади, булевари со албански имиња во Скопје во духот на Охридскиот договор, е едно од најголемите достигнувања на Албанците од Северна Македонија.