БОРКО ЗАФИРОВСКИ
Во седумдесеттите години на минатиот век во рамките на Белградскиот интернационален театарски фестивал (БИТЕФ), како една од најугледните манифестации на Европската културна сцена, со забележлива љубопитност се дочека првото меѓународно гостување на Театарот „Тагањка“, кој во Советскиот сојуз се третираше како второстепена алтернативна сцена, вон од репрезентативност на централните театри во Москва и другите градови со белег на репертоарски, претежно класични драмски дела и набљудувана слобода во уметничкиот приод и теоретски трепет над позначајни интервенции во режисерско-драматуршкиот израз.
Тагањка злонамерно ги опишуваа како „маалски“ проект во истоимениот Московски кварт, а името на Јуриј Љубимов се поврзуваше со авантуризам и егзибиционизам. Но, на Битефовеците со Мира Траиловиќ им успеа и таа мисија. Забранетото „овошје“ дојде во слободоумната културна средина на Европската авангарда каде што веќе царуваа: Ла Мама, Брук, Гротовски.
Љубимов стана почест гостин, гостуваше и во Скопје, а неговите претстави беа придружени со активно присуство во гледалиштето од каде повремено со батериска ламба го диктираше темпо ритамот на изведбите, нешто како жив спој меѓу режијата и диригирањето со музички оркестар.
Да, извлекување ефекти, ама остави и сомнежи, до каде е тоа творештво а од каде злоупотреба на изведувачките внатрешни максими на актерите.
Пред крајот на седумдесеттите беше најавен неговиот „Хамлет“ или по руски-Гамлет.
Во тоа време на кибернетички личен и стручен ангажман, богат и упатен, не се стигаше секаде, а, како и денес, или денес како и тогаш, политичката магма лебдеше на небото со низа прашалници и сомнежи. Веќе беше легната вулканската прашина од завршената разузнавачка афера „Ким Филби“, за групата од врвни студенти на Кембриџ, Британска надеж, која делумно од про-левичарски симпатии, влезе во клопката на КГБ, Советските служби, па кога се разјасни ќорсокакот со двојната игра на авантуризмот, Филби ја избра Москва за остатокот од животот.
Дали беше тоа слабост на респектираната Британска МИ 6, или нејзин успех, во таквите игри што се продлабочија од средбите на сојузниците (Сталин, Труман и Черчил), на Јалта, кога Советската мрежа преку брачниот пар Вартанјанови, низ денешното и тогашно Задкавказие, Ерменија, Грузија, Иран, Азербејџан…Туркменистан(?), сите и денес многу актуелни, ја разоткри шемата на „Далечниот скок“, со кој Гестапо планирал упад на „ручекот“ на тројцата најмоќни, па со многу непознаници (пред неколку години почина сопругата на легендарниот разузнавач, посетена со почести од Путин во 2017 година.
Деталите ни за оваа активност не се изнесени заради сложеноста на бројот и страните учесници.
Затоа пак, една друга преписка, Филби и групата златни момчиња од Кембриџ, од шеесеттите и седумдесеттите, завршно со 1976-та, јавно е на увид за посетители на Лондон.
Сред овие културно-разузнавачки драмолетки, исплива името на уште еден Љубимов-Михаил.
Тој е долгогодишен Советски разузнавач за Британија, Данска и пошироко Скандинавија. Инаку дипломат и публицист, вмешан во „Филби“ и десетици активности за кои објавува свои книги а дава и мислења за настани и карактеристиките на разузнавачката служба.
Границата меѓу сонот и јавето, државната тајна и јавната политика, освен во Западниот свет, почнува со пракса на предлог на озлогласениот прв човек до Сталин, шефот на НКВД(КГБ)-Берија во 1938 година ,кога во близина на застрашувачкото службено седиште Лубланка, го отвора ресторанот „АРАГВИ“ по Грузиската река а со Грузиско мени во чест на Сталин.
Тоа гастрономско легло со чуено Грузиско пиле, со лук и мед, станува помошен апарат на Службата, каде се е озвучено а услугата е двојно стручна. Ресторанот е реконструиран со големи финансии, а работи и денес со иста функција (истоимен има во Будимпешта, и Њујорк).
Колку често заминувале публицистот или режисерот Љубимов, не ми е познато, но и не е некоја тајна дека таму се склучуваат и деловни аранжмани за пристапување кон КГБ/ФСБ. Михаил тоа го елаборира како професионален ангажман а преферира видни јавни личности од елитни средини. Конечно, познато е: кој пробал Грузиско пиле, значи има повластен углед.
Елем, резиме може секој слободно да си состави, со потсетување дека Пиле „во лонец“ значи и талкање низ мракови и неизвесност.
Личните и групните убедувања имаат свој печат а во широка мрежа на неизвесности.
Навални, Рускиот Хамлет не ја одигра чесната волја на ненасилен бунтовник, дури и задоцни за дуел спроти отровен бодеж, а неговиот ковчег шеташе во најава на смртта како и тој на Јуриј Љубимов на сцената БИТЕФ…
Резиме: се врати од Фестивалскиот „Хамлет“, нашиот истакнат театарски режисер, Љубиша Георгиевски, па го опкруживме, што ново ѕирна во Белград за да уприличи нешто модерно и светско. А на општо чудење и молк тој рече, брзам кај Ристе (Стефановски, директорот на Драмски)-со генијална идеја, како на Љубимов: да ги правиме „Црнила“, а смртта од почеток да шета во ковчег… изустив како естета, со желба за духовитост кон познатите компилаторски преокупации на Љубиша: нешто како трагична гротеска или?…
Полистилие… одговори виспрениот и непоправлив двосмислен, а можеби и возљубен Георгиевски.
Денес, во невиден наплив на компилации, високопарна празнотија од зборови и имиња, дела и титулари, со најчеста придавка за големи луѓе интелектуалци и авторитети, застрашува повикот на ламјоубици, бранители и водачи во иднина што тие на збор ја знаат.
Во уметноста, многу љубов ги гуши зборот и делото.
Љубимови, Љубиши возљубени и мирис на Грузиско пиле, секојдневно вознемируваат, лажат, копираат, крадат.
Тенката мисла и неморалот љубат алчно.
Патот сега е еден.
Борко Зафировски, режисер и драматург, долгогодишен уредник, како и главен и одговорен уредник, заменик директор и директор на ТВС/МТВ, надворешен соработник и театарски критичар на „Нова Македонија“,колумнист и соработник на „Утрински весник“, присутен во јавниот живот со низа должности како и преку Министерството за култура и директорувањето во НУБ „Св.Климент Охридски”
Текстот е личен став на авторот