По вчерашниот физички напад врз контролорите на летање, директорот на Македонска навигација М-НАВ, Фахрудин Хамиди, на прес-конференција денеска истакна дека безбедноста не е нарушена, ниту ќе биде нарушена. Тој вели дека нападот врз контролорите на летање бил конфликт меѓу колеги кои се познаваат 20 години. Додава дека не се видел со Беким Незири, кој ги внел насилниците внатре во кулата за контрола на летања.
„За жал, колегите излегоа зад него, иако добро ги разбирам, бидејќи на крајот ќе застанат зад него иако се замаени во случајов. Јас не ги оставам на цедило моите контролори. Тасевски кажува за непотизам, за други работи. Тој е непотизам самиот, неговиот татко беше началник, истовремено беше вработен тој, а и брат му е вработен како контролор“, вели Хамиди.
Тој вели е подготвен да даде оставка, но дека не го сторил тоа бидејќи смета дека има направено позитивни работи за М-НАВ.
„Не сакам да дадам оставка денеска поради тоа што владата веќе најави дека ќе нè разреши“, посочи Хамиди.
Тој го обвини синдикалецот Тасевски дека постојано ги повредувал и клеветел.
„За жал, цело време бевме атакувани од страна на синдикалецот Тасевски. Не сакавме да излеземе пред медиумите и можеби тука згрешивме. Тој перманентно нè повредува сите нас и не нè остава да работиме поради негови лични интереси. Репутацијата е доведена во прашање поради клевети дека ништо не чинело“, рече Хамиди и обвини дека постојат 5-6 кланови.
„Во оваа држава, според Устав, сите имаат право да бидат вработени, без разлика на етничка и верска припадност“, заклучи Хамиди.